Тасева: Имаме систем на заробена држава, корупцијата е драматично висока

Не само што тонеме во корупција туку живееме и во систем на заробена држава – предупредуваат експертите. Претседателката на Транспаренси интернешнал Слаѓана Тасева вели дека Владата не сака да се соочи со реалноста. По катастрофалниот извештај за нивото на корупцијата во државава Власта скандалозно одбива да се соочи со резултатите и дури обвинува дека извештајот бил перцепција на граѓаните. Паѓа во вода и правдањето на вицепремиерот Љупчо Николовски оти Тасева тврди дека мислењето на граѓаните никако не влијаело врз истражувањето. Тука се работи за статискита од анализирани случаи, а индексот се вика индекс на перцепција затоа што го вршат други институции.
„Не се случило, во последниве четири години кога имаме постојано лоши резултати, ниту еднаш никој од Владата не нѐ повика да објасниме како се формира, како може да се одработи, што е тоа што може да се подобри за да се подобри состојбата. Поподготвени се да не ги прифаќаат резултатите отколку да се соочат со реалност. Многу сериозен индикатор е дека се покажа незадоволството од работата на судството, имаме намалување за владеење на право и правда – вели претседателката на Транспаренси Интернешнал Слаѓана Тасева.
Резултатите од извештајот во кој Македонија е рангирана на 111 место од 180 земји покажуваат рекордно ниво на корупција во земјава. Но Власта обвини дека организацијата ја креирала лошата страна на извештајот.
„Тука сме да делуваме како конторлор на власта. Нашата работа е објективно да ја следиме работата на секоја власт. Политичарите кога се на опозиција ни се многу добри пријатели, потоа работите се менуваат“, додаде Тасева.
Иако во предизборието на СДСМ бомбастично најавуваше борба со корупцијата, скоро четири години подоцна овој горлив проблем останува нерешен. Социјал демократите дури назначија и човек кој специјално ќе се занимава со ова, но за возврат го добивме најлошото рангирање за нивото на корупцијата. Само за илустрација, во 2010 година Македонија беше на 63 место по индексот за перцепција на корупција. Во 2014 пак едно место подолу. Драстичниот пад е од 2017 па наваму.
Адријана Алексиеска