Новата учебна година со еден куп проблеми и нервози – власта ништо не гледа

Паника, нервоза и стрес на стартот на новата учебна година. Почна со еден месец задоцнување, но на надлежните и овој период не им беше доволен да најдат начин како без проблем учениците да ја почнат годината. Целосно потфрлија, националната онлајн платформа крахираше, па во последен момент бараа алтернатива. Денеска и министерката за образование Царовска, призна дека во некои општини, онлајн наставата не почнала навреме.


„Најголем дел од училиштата започнаа со онлајн учење денеска, но некои училишта се доопремуваат со интернет“ – изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.


Но тоа не е единствен проблем. Повеќе од 40 000 ученици нема да можат да следат настава, оти немаат компјутери. Има семејства со повеќе од едно дете, ниски примања и само еден или во најлош случај ниеден лап топ. Министерката им понуди опција настава да следат на телевизија. Но како е да се биде во кожата на обичен човек кој заработува под просекот, е нејасно за премиерот Зоран Заев. Го прашавме како би постапил кога тој би немал пари да купи компјутери за своите деца. Премиерот го одбегна одговорот, се правдаше со неможноста на Владата да набави компјутери за сите деца.


„Кога би се направила набавка да 40 000 компјутери за децата кои немаат, тоа би траело некаде до април. Тоа е многу тешко“ – изјави премиерот Зоран Заев.


Учениците од прво до трето одделение кои денеска седнаа во училишните клупи, полека се навикнуваат на новата нормалност. Првиот училишен час почна под строги протоколи, на дистанца, најмалите му се радуваа на почетокот на новата учебна година. Родителите возбудени – велат дека децата мора да учат со физичко присуство.

Дали оваа учебна година ќе донесе квалитетен кадар, на ова прашање одговор нема. Родителите и натаму бараат настава со физичко присуство, а со бојкот на онлајн наставата се заканија и средношколците оти владата е глува на нивните барања.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста