Нов бриселски шок: Крај на безвизниот режим за Македонија- нема веќе слободно патување низ Европа?!

Враќање на визите и крај на слободното патување во Европа за македонските граѓани. „ЕУ Опсервер“ објавува интерен документ на земјите членки, во кој тие бараат суспензија на безвизниот режим за Македонија, Балканот, како и Молдавија, Грузија и Украина.

Според документот, Германија, Франција и Италија биле гневни на злоупотребата на слободниот визен режим од споменатите земји. Посебен проблем за Македонија претставува Белгија, од каде велат дека ова лето се зголемиле барањата за азил. Таму сега се проверувало дали станува збор за можеби изолиран случаи.

Во само два дена ова е втор шок од Брисел. Претходно Ројтерс објави дека нашата земја, во пакет со остатокот од Балканот ќе ги загуби гаранциите за членство во ЕУ , повторно поради противење на дел од земјите членки, меѓу кои главна е Франција, а не само Бугарија. Од Владата пак без коментар, велат не сакале да коментираат информации објавени од медиуми, иако станува збор и за повеќе од респектабилните Ројтерс и ЕУ Опсервер.

-Владата не коментира информации објавени во медиуми врз основа на непроверени документи, изјави владиниот портпарол, Душко Арсовски.

Ваквите и повеќе од лоши вести за Македонија, доаѓаат во моменти кога во посета на земјава се лидерите на Европската унија. Откако пристигна претседателката на Европската комисија, во државава дојде и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Она што е симптоматично е што по средбата меѓу Заев и Вархеји, нема да ја има класичната прес конференција, односно Владата ќе објавела само соопштение. Фон Дер Лајен пак повторно барем декларативно даде поддршка за Македонија, но не давајќи никакви гаранции кога државава би добила датум за старт на преговори. Дури одби и да одговори дали е можно Албанија да биде разделена од пакетот со Македонија и да ги започне преговорите пред нас. 

-Мислам дека за нас сега е важно да се фокусираме на испорачување сега. Јас се фокусирам главно на тоа и сакам двете држави, Македонија и Албанија да започнат со преговорите и со меѓувладините конференции и навистина треба да се фокусираме на тоа да испорачаме сега, а кога велам сега мислам до крајот на годината. Целосно сум концентрирана на тоа прашање, изјави Фон Дер Лајен.

Безвизниот режим прв беше воведен Македонија, Србија и Црна Гора, во декември 2009-та година. Една година подоцна тоа го добија и Албанија и Босна и Херцеговина, во 2014-та Молдавија, а Грузија и Украина во 2017-та година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста