Студен туш од Брисел: Европската унија нема веќе да гарантира членство за Македонија?

Европската унија повеќе нема да им гарантира членство на државите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија. Оваа информација ја носи светски познатата информативна агенција Ројтерс, повикувајќи се на високи дипломатски извори од Брисел. Првично било планирано повторно да се испрати истата порака, дека државите даваат недвосмислена поддршка на патот кон Европската унија. Сепак, според Ројтерс, по две средби и кавга меѓу земјите членки, овој дел засега го нема во документот кој треба да се објави на шести октомври на Самитот на ЕУ.

Повторно главни кочничари на проширувањето се Данска, Франција и Холандија, но и Бугарија, која поради спорот со Македонија исто така го кочи целиот процес на проширување.

Овој студен туш од Брисел доаѓа во моментите кога во посета на Македонија беше Урсула Фон Дер Лајен, која уште еднаш го повтори многу пати кажаниот став, дека биле за Македонија да ги започне преговорите, но не даде никакви гаранции кога тоа би се случило. Таа не ни одговори на прашањето дали е можно Албанија да биде одделена од пактот со Македонија и да ги започне преговорите.

-Мислам дека за нас сега е важно да се фокусираме на испорачување сега. Јас се фокусирам главно на тоа и сакам двете држави, Македонија и Албанија да започнат со преговорите и со меѓувладините конференции и навистина треба да се фокусираме на тоа да испорачаме сега, а кога велам сега мислам до крајот на годината. Целосно сум концентрирана на тоа прашање, изјави Фон Дер Лајен.

Ниту Заев кој досега многу пати кажуваше дека Македонија го добила датумот за старт на преговори, сега не сака да каже дали тоа може да се случи до крајот на оваа година. Само кажа дека ќе се обиделе преку разговори да го решат спорот со Бугарија.

-Јас сум убеден дека дијалогот, дипломатијата, разговорите, пријателството, подадената рака, меѓусебното разбирање, водење грижа кон другата страна и од другата страна кон првата страна, се начините, европските начини на изнаоѓање решение. И ние ќе продолжиме со вакви европски манири, со европски начин на однесување, да им покажеме и на Европа, а и дома дека заслужуваме еден ден да бидеме членки на Европската унија, изјави Заев. 

Фон Дер Лајен пред да пристигне во Македонија беше и во Тирана, каде исто така упати порака дека Албанија треба да ги започне преговорите за членство во ЕУ. По претседателката на Европската комисија, во државава ќе пристигне и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста