Никој не остана од старото СДСМ: Во тимот на Заев нема никој од тимот на Црвенковски

Во раководството на Зоран Заев веќе нема никој од оние луѓе кои беа на раководните позиции во СДСМ, во времето кога на чело на партијата беше Бранко Црвенковски. Радмила Шекеринска беше последна од тие кадри, а по 22 години го напушта врвот на социјалдемократите. Заменик претседателката на Заев, од 99-та влезе во врвот на партијата најчесто беше на позицијата потпретседател, а година и половина беше и лидер на СДСМ.

Од оние познати социјалдемократите далеку од партијата се и последните потпретседатели на Бранко Црвенковски, Зоран Јовановски и Гордан Георгиев. Откако Заев е на чело на партијата далеку од него е и поранешниот генерален секретар на СДСМ, Игор Ивановски, веќе го нема ниту Андреј Петров, кој беше и градоначалник на Општина Карпош.

Сите овие лица беа дел од таканареченото скопско крило на социјалдемократите кои важат за блиски до Црвенковски и Шекеринска. А токму основачот на партијата како да најави дека неговата долгогодишна прва соработничка ќе се повлече од СДСМ, кога преку писмо најави дека го замрзнува членството во партијата и побара од одговорност од сегашниот партиски шеф, Зоран Заев поради погрешните политики во однос на спорот со Бугарија. 

-Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата, вели Црвенковски.

Покрај сите овие гореспоменати Заев може да има проблем и со сегашни скопски функционери. Кога беше испратено писмото од Бранко Црвенковски, поголемиот број скопски градоначалници не му дадоа поддршка на Заев. Првиот човек на Центар Саша Богдановиќ дури порача и дека треба да се слушне зборот на основачот на партијата.

-Многу е битно да знаеме што е цената што треба ние како општество да ја платиме. Сепак верувам дека се искрени намерите и како сугестии и како критики, добронамерни предлози, се со цел да се постигне едно единство, зборам како држава, не како партија за да имаме ај да кажам еден исчекор во оној еден процес, во кој што за жал сме биле долго време заглавени, изјави Богдановиќ.

Жестоко против сегашното раководство на Заев секојдневно удира и поранешната шефица на скопскиот огранок на партијата. Таа вели дека е разочарана од состојбата на партијата во моментов, велејќи дека на позиции таму дошле лица кои немале ништо со социјалдемократијата.

-СДСМ почнува да функционира по принципот на акционерско друштво и двоецот Заев и Шеќеринска го распределија, условно речено, тоа акционерско друштво на сопственички удели од 55 наспроти 45 проценти, во корист на Зоран Заев. Луѓе без било каков партиски стаж дојдоа на највисоки партиски функции и природно беше дека ќе дојдат триења на мои и твои. Тоа чистење одамна трае во СДСМ, а процесите во СДСМ треба да го загрижат секој, порача Куновска.

Од партијата од раководните позиции се повлече и Дамјан Манчевски, кој важеше за близок до Шекеринска, повеќе го нема ниту Емилијан Станковиќ, ја нема ниту една Илинка Митрева, и уште многу други кои беа познати партиски лица пред Заев да дојде на чело на партијата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста