Несогласувањата меѓу Комисијата за заразни болести и МОН најверојатно ќе ја одложат учебната година

Комисијата за заразни болести и МОН си најдоа изговор за несогласувањата околу стартот на учебната година. Наместо за протоколи од 1ви Септември, сега најавуваат можно одлагање на учебната година. Тоа го правдаат со нефункционалното Собрание, низ чиј филтер требало да минат законските измени за скусени училишни часови.

„За да се направат текви измени и законски решенија треба да имаме функционално Собрание. Така што укажуваме дека може да дојде до пролонгирање на почетокот на учебната година зависно од епидемиолошката состојба и од функционалноста на Собранието“, вели министерот за образование и наука, Арбр Адеми.

Но, власта уште во Јуни знаеше дека новата Влада нема да биде формирана пред Септември. Па оттука се отвора дилемата дали надлежните институции две недели тераа непродуктивни преговори за наводно креирање на модели за учење? И каде „запнаа“ разговорите и зошто кои не можат да се договорат? Од МОН на став – сакале настава со физичко присуство. Епидемиолозите пак бараат учебната година да почне со учење од дома, освен за дечињата од првите одделенија.

„Секаде каде што ни дозволува епидемиолошката состојба да се организира настава со физичко присуство и секаде каде што има услови согласно протоколите тогаш би требало да се организира наставата на таков начин. Нашиот став е јасен, нема замена за наставата организирана со физичко присуство“, вели Адеми.

Во меѓувреме, Комисијата за заразни болести од МОН очекува податоци за сите училишта во Македонија, како и бројот на деца во сите паралелки. Согласно тоа ќе треба да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било безбедно наставата да се одвива со физичко присуство.

Одлука нема ниту за отворање на градинките. И покрај тоа што Комисијата пред десетина дена донесе одлука дека градинките што ги исполнуваат условите за заштита од Ковид 19 може да почнат со работа – сега се пишманија. Бараат ресорното Министерство за труд и социјала да ги доработи протоколите за отворање на градинките.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста