Нема вонредни мерки – власта балансира со здравјето и економијата критикуваат експертите

„Воведување на карантин за новогодишните празници нема да даде ефект“, дециден е министерот за здравство Венко Филипче. За можни дополнителни рестрикции вели ќе се разговарало на следниот состанок во Комисијата за заразни болести, но ни и за можноста да се воведе полициски час. Масовните собири за новогодишните празници вели ќе се решавале со можно ограничување на работното време на угостителите. Ги повика граѓаните да бидат дисциплинирани. За актуелните мерки тврди оти се добри и дале резултат.

Но, граѓаните не се согласуваат со ваквите ставови на министерот. Секојдневно преку социјалните мрежи алармираат дека бројот на заразени и починати во земјава урива рекорди и бараат итно воведување на полициски час. Вознемирува и фактот што веќе сите викенд куќи во ски центрите во земјава се веќе букирани за претстојните празници. Алфа објави дека млади луѓе не се откажуваат од традицијата новогодишните празници да се дочекаат со група пријатели и покрај тоа што е пандемија. Ова пак вклучува нов аларм – веќе во јануари да се појават нови поголеми кластери.

Од друга страна и доктори се погласно алармираат оти засилени мерки треба да има, но дека државата балансира помеѓу економијата и здравјето на граѓаните.

„Порестриктивни мерки е лесно да се донесат во развиена економија каде што постои јака индустрија која што ќе може да го покрие недостатокот во овој угостителски сектор. Ние за жал во тој поглед сме далеку од индустриски развиена држава, така што мислам во моментов се пробува да се направи некој баланс помеѓу здравствените потреби и економските можности. од друга страна мора да се погледнеме во очи околу совесноста на самите граѓани“, вели доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

Инаку, западно европските земји веќе најавуваат дека ќе се заострат рестриктивните мерки во пресрет на божиќните и новогодишните празници. На пример германската сојузна покраина Баварија донесе одлука дека ќе воведе рестрикции во движењето до 5 јануари. Жителите на оваа покраина своите домови ќе може да ги напуштат само со неопходна причина.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста