Не се планираат рестрикции – Филипче уверува дека нема ризик од индискиот сој на Ковид-19

Полни ноќни клубови, без почитување на протоколите. Фотографии кои викендов осамнаа на социјалните мрежи ги вознемирија граѓаните. Стравуваат дека младите луѓе кои после подолго време ги наполнија ноќните клубови, би можеле повторно да ја влошат епидемиолошката состојба во Македонија. Министерот за здравство Венко Филипче не гледа проблем што младите се забавувале, доколку протоколите биле испочитувани. Надлежните се децидни – воведување на нови рестрикции нема да има и покрај тоа што дел од европските земји повторно го стегаат обрачот по појавата на опасната индиска мутација.

„Не планираме рестрикции оти не гледаме никаков ризик од ширење на индискиот сој во земјава. Но, морам да потенцирам, будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот“, изјави Филипче.

Во моментов на вакциналните пунктови има едвај 4000 вакцини за прва доза, но Филипче најавува дека во текот на денот ја очекувале и редовната испорака на 11.000 вакцини на Фајзер. Интензитетот на имунизација, кој во последниов месец е значително намален, ќе се засилел од понеделник, кога се очекуваат нарачаните 100.000 дози преку Ковакс механизмот и 500.000 вакцини на Синовак.

Но, докторите алармираат – Делта варијантата доминира низ Европа, а во Македонија вакциналниот процес паузира.

„Кај нас пауза од вакцинален процес 3 дена и намалено темпо во наредните. Уште немаме вакцини, а и оние со кои се планира масовната имунизација, треба прво да ги добиеме. Одговорност никој не чувствува за овој дебакл“, пиша на Фејсбук матичниот лекар Ненад Лазаров.

Во недостиг на вакцини, 20.000 македонски граѓани, продолжениот празничен викенд наместо на плажа во Грција, заминаа на вакцинален туризам во Србија. Доказ за тоа беа долгите колони на граничниот премин Табановце, каде за влез и излез се чекало и по еден час. Според последните неофицијални податоци на српските здравствени власти, таму од почетокот на имунизацијата се вакцинирале над 30.000 македонски државјени.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста