Не сакале да се мешаат во бугарското предизборие: Заев и Димитров без осуда за Каракачанов, се огласи само Пендаровски

Премиерот Зоран Заев без осуда за Красимир Каракачанов, кој објави фотографија од голема Бугарија, во која се наоѓа и Македонија. Не сакал да ја коментира оваа бугарска провокација, бидејќи вели така ќе влезел во изборната кампања кај источниот сосед.

-Немам намера јас да влегувам во изборен фолклор на соседна земја или на било која наша пријателска земја, за мене тоа е предвечерие на изборите и ништо повеќе, ниту ништо помалку. Секоја друга наша реакција би значела влегување во изборна кампања во Република Бугарија, изјави Заев.

Осуда за потегот на Каракачанов не пристигна ниту од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров. Низ насмевка и тој исто како и Заев вели не коментирал за да не се меша во бугарското предизборие.

-На некој начин очигледно е или многу аргументи има дека се работи за предизборен фолклор. И колку поголема реакција предизвика ова кај нас, на македонскава страна, толку поголем ефект ќе има, може и тоа било идејата, не знам што е. Важно е да сме внимателни и во тоа што го зборуваме и во тоа што го објавуваме на социјалните мрежи, изјави Димитров.

Единствено од највисоките државни функционери реагираше претседателот на државата, Стево Пендаровски. Од неговиот кабинет велат дека ваквите потези од Софија го прекршуваат договорот за добрососедство.

-Претседателот Пендаровски, во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи, велат од кабинетот на Пендаровски.

Министерот за одбрана кај источниот сосед, Красимир Каракачанов со карта од Санстефанска Бугарија, во чии граници влегува и Македонија, упати честитка за осми март, со порака која вели „традиции, семејство и чесност, Бугарија над се“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста