Наметнатото покачување на минималната плата, погубно за компаниите и демотивирачко за квалитетниот кадар

         „Секое наметнато покачување на минималната плата, дополнително ќе ги оптовари компаниите и ќе го демотивира квалитетниот кадар“, сметаат од Организацијата на работодавачи на Македонија, според кои ваквото лицитирање со минималната плата, во актуелниве услови е недозволиво. „Платата мора да го следи растот на продуктивноста и секое наметнато покачување без економска оправданост, нема да ги даде посакуваните позитивни ефекти“, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска.

   „Овдека се зборува за минимална плата, не се зборува за покачување на платата како категорија….Минималната плата може да се движи во моменталните граници и дека со самото тоа што би се направиле корекции во минималната плата би предизвикале токму одлив на кадарот на оној едуциран и високо-квалитетен кадар, бидејќи ќе се доведе до еден тип на урамниловка, кој е неактуелен…и од таа причина сметаме дека минималната плата не е причина за зголемувањето на просечната плата“, посочува Владанка Трајкоска, претседателка на ОРМ.

    Трајкоска се надева дека најавената енергетска криза нема да предизвика дополнителни негативни последици по компаниите, што ќе рече и нови отпуштања од работа, но затоа пак, очекува тука државата да помогне, на пример, како што е откажувањето од акцизата за горивата.

   „Секојпат чувствуваме дека на товар на работодавачите се сите овие оптоварувања, како и даночни и економски, затоа побаравме Владат и инситуциите кои работат во тој дел да застанат зад стопанството и да преземат одреден товар врз себе, а дел е и акцизата“, – објаснува Трајкоска.

    Што се однесува пак, до изготвувањето на новиот Закон за работни односи, од ОРМ, бараат тој да биде подеднакво разбирлив за сите инволвирани страни, како би се избегнале непотребните долготрајни и скапи судски процеси, а и како би се обезбедило сигурно имплементирање и заштита на работните права и на работниците и на работодавачите.

  „Недобри и непрецизни закони во оваа област доведуваат до тоа, пак ќе кажам, непотребни судски постапки. Значи, мора да појдеме од основната премиса на нашиот сегашен Закон дека работниот однос е договорен однос, договорен однос меѓу две страни. Кога работникот ќе има интерес и ќе се јави на одреден оглас и работодавачот ќе има интерес од таков работник, тие треба во Договорот да се договорат за се: за работно време, за одмор, за работа во недела, за надоместоци на работникот..и тоа толку да биде прецизно напишано за секој , од двете страни, што ако се крши дел од тој договор, лесно да дојде до остварување на своите права… “, – вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на ОРМ.

  На денешниот состанок во Прилеп, ОРМ разговараше и за други предлози кои ќе треба да придонесат за подобрување на регулативата во обласите кои се од интерес на работодавачите и бизнис- заедницата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста