Национална онлајн платформа за осиромашување на родителите?!

Инструкциите кои училиштата конечно ги испратија до учениците за користење на националната онлајн платформа ги збеснаа родителите. Збунети се од перформансите кои се потребни за да се симне платформата за да биде функционална за употреба. И3 процесор од минимум седма генерација, 4 гига бајти рам меморија и 128 мега бајти графичка картичка. Оперативен систем Виндовс, 8 или 10, видео камера, звучници и микрофон. Вака МОН ги поздрави родителите на децата кои од 1 октомври ќе треба да се вклучуваат на часовоте од дома.

Родителите револтирани – велат во време на криза, кога 40.000 граѓани останаа без работа невозможно било да им обезбедат модерна ИТ опрема на своите деца, онака како што наложува МОН

“Ако треба нови кумпјутери и брз интернет нека ни набават. Ние како родители не сме должни и за тоа да плаќаме“.

„Треба да ни дадат на сите семејства по еден соодветен лап топ со перформанси за солидно онлајн учење. Се друго е кобајаги учење. Тие што имаат пари ќе учат, сиромашните кој ги прашува дали можат?“

„Луѓето останаа без работа како да обезбедат пари за компјутер. Ме лути и тоа што се одделија 3 милиони евра за набавка на компјутери за Државен завод за статистика, а ниту денар за учениците.“

„Па какво бесплатно школство е ова, со 250 евра дали сметки да се платат или луксузи да се прават?“

„До пред една недела цените на лаптоп од 14.000 денари па нагоре, пред половина час бев, од 24.000 денари поефтино нема. Сакате да кажете да дадам 50.000 денари за децата да ми следат настава?“, реагираат родителите преку социјалните мрежи.

Сепак од МОН уверуваат дека платформата ќе биде достапна и преку мобилен и таблет. Но со одредени ограничувања – намалена прегледност, а неможноста за користење на глувче и тастатура го отежнува пишувањето подолг текст, се вели во дописот од МОН.

Проблем е и што 40.000 ученици воопшто немаат компјутер за учење на далечина. За нив надлежните смислија алтернативно решение. Додека наставникот материјалот го предава онлајн, тие настава ќе следеле од училница. Но што доколку епидемиолошката состојба се влоши па сите деца се пренасочат кон учење од дома, како што во повеќе наврати посочи министерот за здравство, Венко Филипче. Дали тогаш за овие деца ќе има некакво решение?

Инаку, учебната година ќе почне за 5 дена. Дотогаш родителите и учениците ќе треба да се логираат и да ја тестираат онлајн платформата. Лозинките за вклучување ќе ги добиеле за време на викендов.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста