Сведоштво: Живеам на батерии чекајќи ново срце

Во време на пандемија починаа четворица пациенти од здружението “ Храбро срце “ – ја изгубија шансата за живот, додека чекаа трансплантација на срце. Застрашувачка е информацијата дека во изминативе нешто повеќе од 6 месеци колку што трае кризата со коронавирусот, бројот на пациенти впишпани во националната листа за трансплантација се зголемува, најмладиот пациент е девојче на 13 годишна возраст.

„Ова се многу тешки, чувствителни и сензитивни теми што ние возрасните не можеме да ги поднесеме, а камоли мали деца. Од месец на месец се зголемува таа критична маса на млади пациенти кои што стануваат реципиенти на пумпи, а следен чекор за нив е трансплантација на срце. Мораме да напоменеме дека кај поголем дел од пациените наши причината поради таа срцева слабост е токму, вирусолошко потекло кое направило штета на срцевиот мускул и нема друго решение во овој момент во Македонија, туку само пумпи на срцето“, вели Ирена Ралева Најдеска -национално здружение “ Храбро срце “.

И додека целото внимание е свртено кон корона вирусот, се заборави на овие пациенти на кои секој ден им е подарок, тие стравуваат бидејќи здравјето им е многу кревко.  Охриѓанецот Александар Димоски, е еден од 20-те мина кои чекаат трансплантација, а веќе 9 месеци живее со вештачко срце. Неговата мајка раскажува како е да се биде родител на чедо кое не знае што ќе му донесе утрешнината.

„ Многу е тежок животот со батерии, со струја, навечер треба да се полнам со струја. Ми е страв да не не се наполнат батериите, да не се испразнат. И ова не е живот таков лесен“, вели Александар Димоски.

„Само си мислам во ноќта дали детето ќе добие срце, дали ќе остане жив. Многу е тешко да бидеш мајка на вакво дете и да чекаш секој минута дали нешто ќе му се случи. Јас не знам можеби има и похрабри мајки јас толку можам се борам и го тешам и го бодрам му велам ќе слушнат институциите сигурно ќе побрзаат за да ве спасат и ќе живеете“, вели Елена Димоска-мајка на Александар.

Од здружението“ Храбро срце “апелираат да се подигне свеста за донирање на органи, но и да се пробуди свеста кај надлежните институции конечно да преземат одговорност и да им помогнат на овие пациенти на кои пумпите им откажуваат и се во критична состојба.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста