Може да заработат 10 години затвор: Поднесени кривични пријави против Џафери и пратениците во скафандери

Талат Џафери и двајцата пратеници кои заразени со ковид 19 гласаа во скафандери заработија кривични пријави, кои може да им донесат и до 10 години затвор. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Обвинителството поднесе тужби против собранискиот спикер и пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска и Мирослав Богдановски, поради основано сомнение дека ги прекршиле членовите 205 и 206 од кривичниот законик. Пријавата против Џафери е бидејќи дозволил заразени пратеници да присуствуваат во Собранието, а против Костадиновска Стојчевска и Богдановски, бидејќи го прекршиле решението за изолација и во опасност го довеле здравјето на други лица.

-Во неделата беше прекршен и законот за заштита на населението од заразни болести, кој што внимавајте имаше измени и дополнувања, кој што ги донесе овој пратенички состав во месец октомври 2020 година. Се надеваме дека Јавното обвинителство ќе се издигне над притисоците од страна на власта и ќе постапи итно, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.

Костадиновска Стојчевска пак најави дека ќе врати кривични пријави кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што не учествувале на седниците, туку седеле во своите канцеларии. Она што е интересно е што за вакво кривично дело во македонските закони не постои.

-На колегите од ВМРО-ДПМНЕ ќе возвратам со кривична пријава до сите од нив затоа што доаѓаат на работа каде за нас е предвидено да работиме минимум 5 дена во неделата и 8 часа, а тие седат по канцеларии. На пратениците од Левица исто ќе им возвратам со кривична пријава, зошто не ги исполнуваат условите кои ги потпишаа кога прифатија да бидат пратеници. Се појавуваат 10 минути неделно на едно процедурално од кое прават театар и си заминуваат, вели Костадиновска Стојчевска.

Дека нејзините колеги можеби сториле кривично дело на Твитер пишува пратеничката на СДСМ и поранешна заменик министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровски, но за тоа ја обвинува опозицијата.

-Со блокирањето на измените на Деловникот, тие оневозможија онлајн работење на Собранието. Или да им преведам, ако Бисера и Мирослав сториле кривично дело, тогаш тие ги поттикнале да го сторат тоа, пишува Славјанка Петровска.

Кривична пријава против Џафери и двајцата пратеници поднесе и Левица. Од таму велат дека со преземеното дејствие, предизвикале страв и несигурност кај пратениците и јавноста, но воедно го довеле  во прашање здравјето и животот на народните избраници и нивните семејства.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста