Ќе се оствари ли ветувањето за минимална плата од 16.000 денари во 2020-та? – засега преговори нема

Вицепремиерката Мила Царовска со неодреден одговор дали СДСМ ќе го оствари ветувањето за минимална плата од 16.000 денари. Таа е оптимист дека оваа сума, која ќе треба да ја усвои техничката Влада, ќе биде достигната до крајот на мандатот. Сепак, разговори со синдикатите и работодавачите за ново зголемување се уште нема, а Царовска ќе чека приватните фирми сами да ги покачат платите на попродуктивните кадри.

„Она што значи целосен мандат од 4 години, јас сум сигурна дека ќе постигнеме 16.000 денари. сега ја следиме имплементацијата на 14.500 денари, но чекајте да видиме што ќе ни се случи со просечната плата, со мерката субвенционирање на растот на придонеси на платите“ – рече Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Од Владата се пофалија дека годинава ќе се одвојат рекордно најмногу средства за обуки и вработување,. Сепак, признаа дека не постои механизам да се спречат младите потоа да заминат на работа во странство. Работеле на подобрување на стандардот на населението, за дури и ако се во странство, да ги натераат луѓето да се вратат во родната земја.

„Многу држави покажале, при влез во ЕУ и НАТО систем на враќање назад. Вие не можете да спречите ниедно младо лице да има интенција, порив да види што се случува во западниот свет, но ако оваа држава ги создаде оние услови што се потребни, а тоа е квалитетно живеење на младите лица, сигурна сум дека ќе посакуваат да останат тука. Оние идеи за врзување со договор на младите лица, да ако вие ги обучите за одредена вештина, понатаму со договор да ги обврзете да не можат да ја напуштат државата се противуставни“ – рече Царовска.

На барањето на бизнисмените за увоз на работници во услови на висока невработеност од 17%, Вицепремиерката вели се уште се правеле анализи за да се види какви профили на кадри му се неопходни на стопанството. Сепак, приоритет ќе било вработувањето на домашното население, а дури потоа ќе се размислувало за олеснување на условите за ангажирање странци.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста