Милионите евра префрлени на фантомска фирма во Хонг Конг не биле аванс, туку гаранција

Премиерот Заев застана во одбрана на министертот Филипче – вели немало злоупотреба во набавката на кинеските вакцини Синофарм, а одлуката за висината на исплатата не била на Филипче, туку на Владата. Го отфрли тврдењето на опозицијата дека сумата за набавка на кинеските вакцини била двојно повисока од реалната и тврди дека вакцините биле купени по редовна цена, како што тоа го направиле сите други земји.

„Со десетици фирми е разговарано. Плаќани се авансни гаранции. Авансот со кој во обезбедување на вакцината на „Синофарм“ прво се обидовме, секако дека е вратен. Верувам дека есенскиот период ќе имаме дури и поевтини цени на вакцините, затоа што ќе има уште поголема продукција на вакцините, но се досега што е набавено е во корелација или еднакво со сите други набавки на другите земји околу нас или во Европа“, рече премиерот Зоран Заев.

Државната комисија за спречување на корупција отвори случај за аферата со набавката на кинеските вакцини. Од Комисијата велат дека веќе ги добиле документите од Народната банка за трансфер на парите.

„Антикорупциска доби од Народна банка документ за извршена исплата на седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока односно Министерството за здравство има исплатено на 15 февруари, а Народна Банка го има реализирано во корист на Стабри Интернешенел од Хонг Конг. Од Министерството за здравство известија дека немаат исплатено аванс на правно лице за купување кинески вакцини, туку на почетокот на оваа година има извршено уплата на средства на име гаранција со цел да се изврши резервација на 200 илјади дози вакцини од производителот Синофарм од Кина“, вели Горан Трпеноски од ДКСК.

Аферата за набавката на кинески вакцини, преку „Стабри“, фирма посредник од Хонг Конг, во февруари ја обелодени италијанскиот весник „Ла Верита“. Тогаш надлежните признаа дека префрлиле аванс на фирмата посредник, но оти парите ги повлекле откако од кинеското МНР добиле насоки дека набавката на вакцини треба да оди директно со производителот, а не преку посредници. Од Министерството за здравство, пак тврдеа дека документите објавени во „Ла верита“ се лажни.

Вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Микоски ги обелодени документите за набавка на вакцините „Синофарм“, за кои тврди дека биле купени по двојно повисока цена од проджната, односно за 65 долари по доза, а државата за оваа намена потрошила 7.8 милиони долари. Надлежните пак велат дека документот кој го објави Мицкоски, бил јавно достапен на страната Отворени финансии.

Инаку, првите 200.000 дози од кинеските вакцини стигаа во Македонија минатата недела, а дополнителни дози, како донација од Кинеската амбасада, треба да стигнат на 15 мај.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста