Мицкоски: Пречистениот избирачки список е доказ дека дуплите матични броеви се издадени по 2016-та

Прочистениот избирачки список во 2016-та година, кој беше потврден тогаш и од СДСМ, е доказ дека 20-те илјади дупликат матични броеви, се дадени откако на власт е сегашна владејачка гарнитура, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во гостување на телевизија Клан потсетува дека покрај СДСМ, прочистувањето било потврдено и од сите други политички партии, па прашува како тогаш пред 2016-та, биле издавани овие дупликат матични броеви, а избирачкиот список не бил проблематичен за никого.

-Дали тогаш пред изборите, излегоа од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, од ДПА и од ДУИ да кажат дека избирачкиот список е прочистен. Ете излегоа, заклучуваме дека е прочистен избирачкиот список. Голем број матични броеви се издадени од 2016-та година, би рекол можеби повеќе од неколку илјади, 20-тина илјади според нашите информации. Ама зошто тогаш велеа дека е прочистен избирачкиот список, изјави Мицкоски.

Со овие матични броеви најверојатно се гласало во минатите изборни циклуси. Од МВР повторно се правдаат дека проблемот бил од многу одамна, а сега започнала постапка за бришење на истите.

-Станува збор за многу помала бројка од таа која ја кажувате, а ваквата појава започнала во 1981 година и по откривањето на истото, веднаш е пристапено кон поништување на овие матични броеви и таа постапка веќе подолг период е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени. Оваа постапка наскоро треба да биде завршена, велат од МВР.

Инаку, лидерот на опозицијата откривајќи ја аферата „Мафија 2“ на брифинг со новинарите кажа дека исти лица добивале дупликат лични документи со различни матични броеви. Тогаш кажа дека едно лице со два матични броја се јавува во избирачкиот список со своето вистинско име и со вистинска адреса, а вториот пат регистрирано како друго лице во друга општина. Вакви лица според Мицкоски има над 20 000. Според информациите кои биле доставени во партијата извесен Диме Димовски имал два матични броја кои се разликувале во последните три бројки. Со едниот бил запишан во Чаир, а со другиот во Сарај.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста