Mицкоски открива нов скандал со изградба на „Чебрен“: Владата избришала член за отстапување на „Тиквеш“,а подоцна се повикуваат на истиот

Mицкоски открива нов скандал со изградба на „Чебрен“: Владата избришала член за отстапување на „Тиквеш“,а подоцна се повикуваат на истиот

Многу пропусти и поставување на лоша основа на целиот процес поврзан со изградбата на хидроцентралата „Чебрен“ од страна на Владата, може да биде огромен проблем во иднина, вели претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во вториот дел од интервјуто за „ Република“. Тој извади неколку хронолошки подредени документи со кои, како што вели,  се докажуваат проблематичните моменти заради кои ќе има последици во иднина.  На 24 декември 2019 владата на Зоран Заев донела одлука за отпочнување на постапката, во која се вели дека на компанијата што ќе ја добие оваа набавка ќе и биде отстапена и хидроцентралата „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне изградбата.

„Почнува да се гради, три месеци потоа го добиваат „Тиквеш“, па потоа треба да изгради 400-киловолтна трафостаница ‘Мариово’ каде што ќе се поврзе хидроцентралата, ќе направи експропријација на земјиштето, ќе изгради пристапни патишта до локацијата  и бидејќи овој концепт е сложен, таканаречена реверзибилна хидроцентрала, ќе обезбеди ноќни вишоци на струја со која помалата хидроцентрала ‘Орлов Камен’ навечер ќе ја враќа водата повторно во ‘Чебрен’ и ќе може неколку пати истата вода да се користи преку ден за производство на електрична енергија. Тоа се условите кои што ги дефинира оваа одлука, вели Мицкоски.

Но, потоа, вели Мицкоски, во времето на техничката влада предводена од Оливер Спасовски, се брише одлуката, и се носи нова на 4 февруари, 2020. А само две недели потоа е објавен и јавен повик, во кој пак се појавуваат избришаните работи. Ситуацијата дополнително се комплицирала со тоа што во меѓувреме е објавен повикот за компаниите да учествуваат во претквалификацијата, во кој се вели дека победничката компанија ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци откако ХЕЦ „Чебрен“ ќе почне со работа, однсно ќе биде завршена градбата.

„Тоа е голема разлика бидејќи ако од прилика таа градба трае шест години, а ХЕЦ „Тиквеш“ произведува од прилика 140-150 илјади мегават часови, пазарната цена е некаде околу 120 евра мегават час, но таа е пикова енергија и е уште поскапа, но еве да речеме 120 евра мегават час, помножено со 6 години ние добиваме сума од 100 милиони евра“, посочи првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Но хаотичната состојба не завршува тука, бидејќи на 14 септември годинава, актуелната влада ја избира групата „ППЦ-Архиродон“, односно грчкото електростопанство, како најповолен понудувач, повикувајќи се на одлуките пред три ипол години во кои ХЕЦ „Тиквеш“ еднаш се дава три месеци по почетокот на градбата, а вториот пат се брише. Откако ја добила оваа одлука, избраната компанија се жалела до Министерството за животна средина бидејќи делови од неа биле спротивни на тендерската документација на која тие учествувале.

Едно дрво погрешно засадено погрешно ќе изрти. Предупредувам, бидејќи имаме право како потенцијална идна влада да бидеме загрижени дека ова може да не доведе до една многу, многу сложена ситуација. Народот има право да знае која од овие одлуки е одлуката и зошто се појавува различно толкување на отстапување или неотстапување на хидроцентралата ‘Тиквеш’ која што е постојна, дали три месеци по отпочнување на градбата или три месеци по пуштање во функција на хидроцентралата ‘Чебрен’, потенцира Христијан Мицкоски.

Тој ги повика надлежните институции да го преиспитаат целиот случај, а дополнително дане прават проблеми нови последниве неколку месеци до избори, оти не само што сето оди на штета на државата туку и погрешно ќе биде наведен самиот инвеститор.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста