Мицкоски бара итна лидерска средба – после толку неуспеси Заев нема кредибилитет да управува со Влада и да води преговори со Бугарија

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод 100-те дена влада кои ги нарече најкатастрофални од сите досегашни влади, побара итно да се свика лидерска средба на која освен за бугарското вето ќе се разговара за еконосмската и ковид кризата во земјава. Тој вели дека за три месеци во Македонија починале над 1400 пациенти заболени од ковид 19, економијата потонала во рецесија, се покачила цената на струјата, а околу 50.000 граѓани останале без работа.

„Анализите на невладината Фајнанс Тинк покажуваат дека половина милион граѓани живеат со по две евра на ден. Во здравството загубите се плаќаат со човечки животи. Повеќе од 1400 наши сограѓани ги загубија животите поради ковид пандемијата и неспособното менаџирање со здравствениот систем. Државата е седма по степенот на смртност на милион жители“, вели Мицкоски.

ВМРО ДПМНЕ останува на ставот дека треба да се формира експертска влада и да се одржат предвремени парламентарни избори кога здравствените услови ќе го дозволат тоа. Но, лидерот не конкретизираше кога партијата ќе поднесе интерпелација за работата на владините министри и на Владата.

„После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Се откажа од Македонија и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум дека се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што изминативе денови се случи народ. Овој пат народот и сите заедно, оние кои беа со нас на улиците и оние кои не поддржуваа во своите срца успеавме во првиот чекор да ги откажеме од намерата да се откажат од придавката македонски и да се откажат од македонскиот идентитет“, додава Мицкоски.

Осврнувајќи се на како што вели лошиот менаџмент во здравството, Мицкоски потсети дека докторите не ги добија најавените 100.000 денари плата, а за матичните доктори кои се на првата борбена линија во корона пандемијата нема зголемена капитација.

Во однос на економијата, претседателот на ВМРО ДПМНЕ вели дека годинава се случило историски најголемото задолжување од над 1 милијарди евра, а јавниот долг пораснал на 61 процент од БДП, товар што директно ќе падне врз грбот на и онака осиромешеното население.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста