Заев најавува попис во април, опозицијата децидна дека е потребен консензус

Најверојатно попис во април ќе има, без разлика дали власта и опозицијата ќе најдат консензус за ова прашање. Иако дури и претседателот на државата, Пендаровски кој победи како кандидат предложен од СДСМ, посочи дека политичките ривали мора да договорат заеднички закон за ова прашање. Сепак од власта засега барем не ги прифаќаат барањата на ВМРО-ДПМНЕ. Заев прашан дали ќе седне да преговара со Мицкоски, не одговори.

Сега гледам се отвораат некои дебати дали ќе се менувал Уставот, Рамковниот договор. Таман работа, сто пати кажав пописот и резултатите никако не влијаат на Уставот и Охридскиот рамковен договор. Да се растеретиме од оваа работа. Пописот треба да се спроведе заради рамномерниот развој, економските параметри, статистиките кои ни требаат во државата, изјави Зоран Заев – претседател на Владата

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, децидни, сакаат закон за попис кој ќе биде демократски и по примерот на земјите од Европа. Велат мора сите политички актери да учествуваат во процесот, оти во спротивно не се сигурни дали, тие како партија ќе ги признаат резултатите од пописот.

Пописот треба да биде статистичка, а не политичка операција. Досега власта ја нема консултирано опозицијата за вака суштествено и стратешко, важно прашање на земјата. Пописот не треба да се спроведе во зависност на политичките интереси на власта на Зоран Заев, туку со почитување на европските критериуми за попис, пропишани од ЕУРОСТАТ која е институција за вакви дејности во Европската унија.

Законот за попис,Владата иако не го договори со ниедна опозициска партија, веќе го прати во Собрание. Се поверојатно е дека и овој закон ќе биде донесен без консензус, иако Брисел го нагласи како добра практика конструктивното учество на опозицијата. Како ќе објасни власта дека конструктивноста сега зависи од неа?

Mери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста