Македонски интелектуалци со порака: Власта по ниту една цена да не подлегнува на бугарските уцени

Македонските власти да не подлегнуваат и по ниту една цена, да не прифатат било која од бугарските уцени за јазикот, историјата и идентитетот, преку отворено писмо побараа 62-ца македонски интелектуалци. Таму велат дека тие уште пред три години, аргументирано и јасно укажале на асиметричниот карактер на договор со Бугарија, како и за последиците, кои произлегоа од истиот.

-Едногласна е нашата определба да го повикаме македонскиот политички врв да не подлегне на притисоците и да не дозволи присвојување на македонската историја, на  македонскиот јазик и на македонското културно наследство, како и негирање на македонскиот национален идентитет од страна на Република Бугарија или на која било друга земја, зашто тоа е во спротивност и со вредностите и со принципите на кои е изградена и функционира Европската Унија, се вели во писмото.

Меѓу потписниците на ова писмо се универзитетските професори Наташа Котлар Трајкова, Тодор Чепреганов, Михајло Миноски, Виолета Ачкоска, Илија Велев, Симона Груевска- Маџоска, Елка Јачева- Улчар, Јованка Кепеска. Според нив посебно проблематичен е односот на бугарските власти кон Македонија.

-Токму затоа ние, потписниците на ова писмо, најостро реагираме на негаторската политика што ја застапува бугарската влада и уште еднаш најенегрично изјавуваме дека историјата на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската култура и литература, односно сето она што го дефинира македонскиот идентитет не смее да биде основа за политички диктат, ниту предмет на расправа на т.н. заеднички комисии, се вели во писмото.

Македонските интелектуалци потпишани во писмото, велат дека укажувале и на сериозните обврски што ги презема Македонија со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, што според нив не резултирал само со промена на уставното име туку и со откажување од асномските државотворни одлуки.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста