Лазаров: Лошо ни се пишува, здравството е во хаос, министерот тера кампања

На Македонија лошо и се пишува ако надлежните и натаму се однесуваат како да не сме среде пандемија, алармираат докторите. Матичниот лекар Ненад Лазаров признава дека проблемите за ковид пациентите 18 месеци се провлекуваат – термини за тестирање нема, а тешко се стигнува и до болнички кревет. Оние кои тоа можат да си го дозволат во очај помош бараат кај приватните болници, другите се оставени да се снаоѓаат кој како умее. Лазаров алармира дека Македонија е единствената земја во светот каде првиот човек во здравството среде пандемија тера кампања за локални избори.

„Ако не можат да си дозволат пациентите приватно да платат анализи значи секако се соочуваат со минимум 24 до 48 часа челање, што во оваа криза и после година ипол е недозволиво. Втор проблем е тестирањето конкретно, не постојат термини, односно постојат но многу мал број, смешен број на термини за она што е реална потреба на терен. И второ, од оваа ситуација ќе апелирам и ќе поздравам дека не постои друг пример на светот каде што министерот актуелен за здравство е шеф на изборен штаб на владејаќката партија во моментот. Како? Јас мислам дека е физички невозможно да се менаџира здравство и да се менаџира изборна кампања во исто време“, рече доктор Лазаров.

Сезоната на вируси е на прагот, а мерки за заштита нема. За да се избегне минатогодишното сценарио потребни ќе бидат строги и непопуларни мерки, вели доктор Лазаров. Најголема грешка на надлежните, вели е тоа што целосно вакцинирани се ослободени од секакви рестрикции, дури и ако домаќинството го делат со позитивни лица.

„Да споменеме една небулоза која прави многу штета во моментот а тоа е дека вакцинирани не се изолираат доколку во семејството има позитивен случај. Тоа е нон сенс. Бидејќи видовме дека голема е веројатноста дека иако си вакциниран можеш да се инфицираш. Имам во ситуацијава, неколку семејства моментално со по двајца позитивни, а останатите двајца кои се вакцинирани дури не ги ни тестираме, немаме право ни на тест да ги пратиме, не па да подлежат на изолација. Тие апсолутно одат и на работа“, додава Лазаров.

Во меѓувреме, бројот на позитивни случаи никако да спласне. Веќе со недели наназад бројот на новодијагностицирани се движи над 10 проценти од вкупниот број на тестирања, а бројката на починати и натаму е двоцифрена.

Црната ковид статистика ја искачи земјава високо на непопуларната светска листа, Македонија и натаму е втора во Европа по бројот на починати на еден милион жители, веднаш зад Босна и Херцеговина.

Биљана Божиновска