Грабеж во фабриката „Еурокомпозит“ – украдено оружје

По бројните тешки кражби кои во изминативе неколку месеци се случуваат во единствениот македонски загубар, прилепски „Еурокомпозит“, деновиве од магацините на фабриката украдено било и оружје, помеѓу кое и една полна зоља, обвинуваат работниците. Тие се сомневаат дека во оваа тешка и опасна кражба вмешано било и раководството на Фабриката.

„Се направи вакуум простор од околу еден месец, ја повлекоа Полицијата, се направија кражби и сега од вчера повторно наместија полиција. Ние се сомневаме дека раководството влегува и тие ги прават тие кражби, затоа што обиќни граѓани не знаат ни каде се тие магацини, ни како да се влезе до таму. Се работи за зграда во која што е влезено на први кат и на трети кат, таму каде што беше оружјето, во другите простории не е влезено“, – вели Роберт Богданоски, претседател на Синдикалната организација.

Останатите уште триесет и пет работници, кои веќе две години не одат на работа и немаат апсолутно никакви примања, тврдат дека во магацините од фабриката има уште доста оружје и муниција. Во „Пушкарницата“ велат, дека имало и пиштоли, и пушки, и муниција, како и околу 800 средства против околопни возила. Тие побарале, за соодветен надоместок, сами да си ја обезбедуваат фабриката, но на тоа не им било одговорено.

„Во тој вакуум период кога полицијата не’ вардеше, ги молевме цело време некој да се залага да обезбедува оти секој ден се прават кражби… молевме да појди некој, макар и ние да вардевме за да не се оштетува толку фабриката, не сакаа ни да слушнат за нас, ни да најдат некое решение, само колку да си поминат на редот ни викаат – има инвеститор, разгледува, а тој инвеститорот е којзнае колку време. Ние не се надеваме веќе дека некој и ќе ја купи, бидејќи главното што може да се пушти струја и основно за работа е сето искрадено“, објаснува Горан Велески,работник од „Еурокомпозит“.

Инаку, Алфа уште пред петнаесетина дена информираше за масовните кражби во оваа Фабрика, чија штета работниците ја проценуваат на околу 400.000 евра. Украдени се трите трафостаници, скапи делови од повеќето машини, како и големи количини на други репроматеријали, додека актуелната власт оптимистички и во континуитет им ветуваше влез на странски инвеститор и спас на оваа единствена Фабрика за наменско производство на оружје кај нас.

Каролина Дурло