Бизнисмени: Критики за економската програма на СДСМ, проекциите на ВМРО-ДПМНЕ се реално поостварливи

Двете најголеми партии имаат исти проекции за просечен раст од 4%, но економската програма на ВМРО-ДПМНЕ е стабилна, додека СДСМ ветува нешто што не може да го исполни – смета бизнисменот Горан Рафајловски. Според него, проекциите на ВМРО-ДПМНЕ за рецесија од минус 5% годинава се засновани на реална основа. Рафајловски вели дека растот не може да обезбеди доволно пари во буџетот за да се реализираат сите замислени мерки на партијата на власт. Едноставно, не можело да се поделат пари кога ги нема. Со оглед на кризата и буџетските можности, тој смета дека ветувањата за повисоки плати и пензии не можат да се остварат.

За да се намали буџетскиот дефицит и да се најдат пари за сите проекти коалицијата која ќе дојде на власт мора да се избори со сивата економија – вели Рафајловски. Според него, овој процес ќе биде болен, но значајно ќе ги зголеми приходите во државната каса. Токму борбата со сивата економија е најголемото барање на бизнис заедницата на кое инсистира со години.

Рафајловски смета дека следната влада не треба да прави непотребни маневри околу даноците. Тој не се сложува со воведувањето, па откажувањето од зголемениот персонален данок на СДСМ, но смета и дека персоналецот не треба да се намали под 10%, како што планира ВМРО-ДПМНЕ.

Главните адути на ВМРО-ДПМНЕ за добивање на изборите се 1000 проекти меѓу кои повторно одложување на кредитите за граѓаните, без партиципација за студентите следната учебна година, помош за фирмите за исплата на плати, 4 милијарди евра инвестиции за 4 години, повисоки плати за минимум 25%, поголеми примања за наставниците и професорите.

СДСМ пак ќе атакува да се задржи на власт со ветувања за 3% пад на невработеноста годишно, минимална пензија од 10.700 денари, 40% пораст на минималната плата, рат на просечната плата за 30%, поддршка за домашни и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра и други проекти.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста