Ковид- 19 влезе и во Душевната болница во Демир Хисар

 Најмалку десет пациенти во Душевната болница во Демир Хисар, во моментов се заразени од корона- вирусот, а резултатите од тестирањето се очекуваат за уште дванаесет, кои беа суспектни и со сомнителна симптоматологија. Исто така, позитивна на Ковид- 19 е и една медицинска сестра која е во домашна изолација, додека тестовите на медицинските техничари, болничари и другиот помошен персонал што беа во контакт со заболените пациенти, се негативни. Според протоколите, тие наскоро почнуваат со работа.  Една од лежечките пациенти со потешка клиничка слика, се наоѓа на Инфективното одделение во Клиничката болница во Битола.

-Сите пациенти во Болницата и вработените кои ќе бидат суспектни на Ковид- 19, веднаш ќе бидат тестирани и ќе се постапува според безбедносниот епидемиолошки протокол. Ние сме во целосна и постојана соработка со епидемиолозите од ЦЈЗ- Битола, но и со другите надлежни институции и се извршуваат сите потребни активности, с`е со цел, да не се рашири заразата- рече директорката на Душевната болница Татијана Лозановска.

Во моментов се привршуваат градежно- техничките подготовки на посебен изолациски одделл во 4. Блок, каде ќе бидат сместени сите заболени од корона. Како што велат од менаџментот, целосно се обезбедени заштитни материјали и хемиски средства, а се работи со натчовечки напори, бидејќи станува збор за душевно болни лица, од кои 300 се лежечки , а има и еден геријатриски оддел. Како ќе се одвиваат состојбите во Душевната болница тешко е да се предвиди, дали овие бројки упатуваат на кластер или не е работа што треба да ја оценат епидемиолозите, но едно е сигурно, станува збор за најтешките душевно болни лица во Државата, чии меѓусебни контакти се непредвидливи. Инаку, во април месец од Ковид- 19 беше заболен еден тукашен лекар преку тогашниот прилепски кластер.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста