Ковачевски влегува на „Бихаќка“ со багажот на Заев

Ново име со стар партиски багаж – Димитар Ковачевски е новиот претседател на СДСМ. Партиското членство одлучи дека тој е човекот достоен да го замени Зоран Заев од претседателската фотеља во СДСМ, по дебаклот со исходот од локалните избори. Со драстично помал број на гласови од дури 25 илјади помалку од претходните избори, Ковачевски вети обединување на членството и најави одговорно и чесно работење.

-Наша е одговорноста за се што ќе се случува со партијата, но и во државата во годините што следат. Секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда која одлучно се спроведува, државата оди напред. Затоа ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за нивно спроведување. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството и граѓаните со право очекуваат од нас да работиме заедно, одговорно и посветено“, изјави Ковачевски.

Ковачевски го очекуваат сериозни предизвици со ветувањата дека земјава е на чекор до добивање датум за почеток на преговори, нерешените прашања со Бугарија и сериозна борба со криминалот и вклученоста на голем број државници во скандали со корупција.

И покрај тоа што на овие вонредни внатрепартиски избори пријавени за гласање беа 17 илјади помалку од изборите кога Заев стапи на функција, противкандидатите на Ковачевски алармираат дека бројката на излезени членови е загрижувачка и аларм за незадоволство од политиките на СДСМ.

Противкандидатката Фросина Ременски, вели  дека воопшто не е задоволна од излезноста на членството, оценувајќи дека тоа е можеби многу поважно од резултатот на изборите.

Но стапувањето на партиската функција за Ковачевски ќе значи и добивање на мандат за формирање на нова влада. Кој ќе остане во трката за нов министерски мандат се уште е неизвесно, сепак министерот за внатрешни Оливер Спасовски  одбива директно да одговори дали тој останува во игра.

-Ова не е прашање за мене. Тоа е прашање за мандатарот кој ќе одлучува за тоа кои ќе му бидат министри. Јас сум посветен да одработам тоа што треба да го одработам, а мандатарот во моментот кога ќе биде мандатар, ќе одлучува кои ќе му бидат кандидати за челните позиции“, изјави Спасовски.

По пазарењата на Заев со Африм Гаши, за стабилно парламентарно мнозинство, договорените нови министерски позиции ќе стапат на функции со неговото доаѓање на Илинденска.

Изборот на Ковачевски доаѓа по понудената оставка на Зоран Заев и губењето на апсолутната локална власт на последните избори.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста