Мицкоски реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со нов политички концепт и доктрина
Со 489 гласа ЗА, од вкупно 492 делегати, Христијан Мицкоски реизбран за лидер на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ. Сузбивање на криминалот, ниски даноци, влез во Европската унија, заштита на националните интереси – ги постави целите претседателот на партијата.
Народот е нестрплив да чуе за решенија, промени, висија која нема да се превори во нова лага – првиот човек наВМРО ДПМНЕ најави нов поинаков пристап во политиката. Преродба на државата и на партијата, реални, суштински промени и нов концепт.
Пред нас се големи предизвици, економска криза, енергетска криза, ковидот не престанува и покрај надежите дека тоа ќе се случи, светот е изменет, планетата е изменета, се функционира поразлично од претходно. Македонија мора да фати приклучок, да се адаптира на новиот свет, да ги создаде, развие и да ги промовира своите предности и да ги исправи своите недостатоци – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Едноцифрена невработеност, висок економски стандард, намалување на даноците – Мицкоски истакна дека овие цели се стремеж, нешто за кое мора да се избориме.
Нашата цел и визија како партија ќе биде да се бориме во една временска дистанца да постигнеме економски стандард како во една Австрија. Наша цел како дел од тој нов договор и консензус е намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8%. Данокот за млади луѓе да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето на економијата да имаме раст до 6%. Да постигнеме едноцифрена невработеност, рече Мицкоски – истакна Христијан Мицкоски.
За тоа како ќе делува партијата во иднина, Мицкоски најави дека ќе ангажираат експерти, професори, познавачи на проблематиките.
Доктрината не е само нашиот буквар, туку и нашиот двоглед кон иднината, што ќе помогне ВМРО-ДПМНЕ да биде сместена меѓу прогресивсните партии, дециден е Мицкоски за политичкиот документ.
Македонија дел од Европа, посветување на македонските евроинтеграции, квалитетно образование, хуман здравствен систем – ова се дел од точките во доктрината на ВМРО-ДПМНЕ која ја објави на 17-от конгрес.
Автори на доктрината се Марјан Ѓорчев, Илија Димовски и Рашела Мизрахи. Делегатите денеска гласаа и за нови членови на Статутарната комисија и комисијата за финансиско работење на партијата. Мицкоски и пред почетокот на конгресот уште еднаш најави дека ќе инсистираат на прредвремени парламентарни избори.
Адријана Алексиеска