Колку пати досега Заев објавуваше дека „добивме“ датум и почеток на преговори со ЕУ?

Зоран Заев на 25 март.

-Северна Македонија почнува преговори за членство во Европската унија. Историската грешка е исправена, нема веќе никакви пречки, ниту услови. Првата меѓувладина конференција ќе се одржи што може, кажа во март Заев.

Зоран Заев на 11 октомври, седум месеци откако најави дека Македонија започнува преговори со Европската унија.

-Треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција, изјави вчера Заев.

А Македонија многу пати го доби и датумот за старт на преговори, кој се уште го нема. Така беше на  втори јули 2018-та, кога Заев се пофали дека почнува и скрининг процесот, кој исто како и датумот се уште го нема.

-Скрининг процес почнува на 17 јули овде во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија доби датум за преговори, доказ е дека Европскиот Совет никогаш повеќе нема да се навраќа да утврдува датум за преговори, изјави Заев во Собранието на 02.07.2018.

А во 2018-та година Заев, Бујар Османи, Никола Димитров и Кочо Анѓушев, дури и од авион се пофалија дека е добиен датумот за преговори. Заев на 26 јуни пред две години напиша.

-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се фалеше Заев од авион.

Неисполнетите ветувања за преговорите со Европската унија Заев си ги користи и во предизборните кампањи. На пример на митингот во Шутка на 30 април 2019 година.

-Прво во Шуто Оризари сакам да ја споделам убавата вест. Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара, велеше Заев во кампања на 30 април лани.

А со цел напредок кон Европската Унија беа направени голем број отстапки кон соседите.

-Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак Гоце Делчев, кажа вчера Заев.

-Да живее Република Северна Македонија, кажа Заев во минатото.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, му стана брат на Заев, а Бугарите големи пријатели кои ќе ни помогнеле кон ЕУ. Дали?

-Како што Бугарија ја призна современата политичка реалност, сега е потребно Република Северна Македонија да ја признае историската реалност поврзана со процесот на создавање на новиот национален идентитет, изјава бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

На бугарските политичари сега им пречи и прослава на 11 октомври. Европратеникот од партијата на Борисов, Андреј Ковачев, на Фејсбук праша зошто му е на Заев антибугарската провокација со прославата на овој празник. Порачувајќи дека за лаги и антибугарска идеологија немало место во Европската Унија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста