Ќе понесе ли некој од највисоките функционери одговорност за трагедијата во Тетово?

Наместо одговорност молк од надлежните, ниту еден од владините функционери ден по катастрофалниот пожар, не реши да се појави во јавноста и да одговори на голем број отворени прашања околу овој трагичен настан, кој однесе 14 животи.

Додека во секоја нормална држава би се очекувало надлежните да излезат и да соопштат причини, па дури и да паѓаат оставки, македонската Влада испрати само едно кратко соопштение, со фотографии од владината седница. Преку истото информираат дека ќе биде прогласена тридневна жалост на територијата на цела Македонија, како и дека се ставаат на располагање на институциите за утврдување на причините за пожарот во модуларната болница во Тетово.

-Владата донесе заклучок со препорака стручните тимови на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за здравство да се стават на максимално располагање на обвинителството во истражните постапки. Владата ги задолжи надлежните институции да утврдат каков тип на дополнителна помош и поддршка е потребна за семејствата на загинатите и повредените, со цел истата да биде обезбедена во најкраток временски рок, информираат од Владата.

А одговори во моментов се бараат на голем број прашања. Пред се дали имало некаква грешка во изведбата на модуларната болница во Тетово, кој би можела да доведе до овој трагичен момент. Прашањето за ова е отворено пред се бидејќи дека на една недела пред нејзиното пуштање во употреба, економскиот директор Артан Етеми изнесе одредени забелешки, но сега вели дека истите не би можеле да се доведат во врска со пожарот.

Од Министерството за здравство, преку соопштение информираат, дека сите модуларни центри, вклучувајќи го и овој во Тетово биле отворени после технички прием, па според нив грешки при изведбата на болницата немало.

-При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти, информираат од Министерството за здравство.

Прашање на кое јавноста исто така бара одговор е дали некој од највисоките функционери ќе понесе одговорност и оставка, во прв ред министерот Филипче. Но барем засега на ова прашање одговор нема да имаме бидејќи, никој од владините функционери не реши да се појави пред медиумите. Додека тие молчат, социјалните мрежи вријат, голем број граѓани барат одговорност најмалку од првиот човек во здравство, но и од премиерот Заев.

-Добар ден, пладне е. Филипче уште е министер? Заев премиер?

Да? Така и си мислев, се вели на еден твит.

-Многу е просто, жално за починатите, лесна им земја, оставка најмалку од Филипче, се вели во друг твит.

-И еден изгубен живот е трагедија. Филипче да си поднесе оставка наместо да твита, се вели во една од реакциите на социјалните мрежи.

-Затоа, денес чекаме Филипче да направи прес, да даде инфо и да си даде јавна и неотповиклива оставка, се вели во еден пост на Твитер.

За разлика од Македонија, каде Филипче го нема додека се бара оставка од него, во други држави низ Европа и светот, оставките од морални причини се нормална појава. Така на пример, романскиот премиер Воктор Понта, во 2015 година поднесе оставка после пожар во ноќен клуб во Букурешт каде загинаа 32 лица.

Пожар во трговскиот центар „Зимска вишна“ во 2018-та година, кој однесе 64 животи беше причина за повлекување на долгогодишниот гувернер на сибирската област Кемерево, Аман Тулеев. Поради пожарите во Грција истата година, оставки си поднесоа федералниот секретар за цивилна заштита на Грција, Јанис Капакис, како и надлежниот министер за цивилна заштита на Грција.

Неодамна оставка поднесе и казахстанскиот министер за одбрана Нурлан Јермекбаев, откако во пожар и серија експлозии во магацин за оружје загинаа 15 војници и пожарникари.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста