Сите надлежни знаеле за непочитување на протоколите, но не презеле ништо

Не е тајна дека роднини на пациенти кои се лекуваат од корона во градовите од внатрешноста седат како придружба во собите каде се хоспитализирани нивните блиски роднини, твдри поранешниот министер за здравство, доктор Арбен Таравари. Таравари не крие дека постојано добивал повици од пациенти кои се лекувале од Ковид 19 и кои му се жалеле од лошите услови во ковид центрите.

„Тие што имале пациент или некој пациент или некој близок роднина во таа болница што се третирал знаат каков бил третманот. Јас како лекар, не како политичар, секојдневно имам јавувања од луѓе кои се третираат во болниците низ Македонија коишто се жалат дека нема основни медицински материјали, во некои болници луѓето треба сами да обезбедат кислородни боци, во одредени ситуации се жалат дека третманот во две три болници е различен. замислете се уште во Македонија немаме унифициран протокол за третман на пациенти со Ковид-19. Тие што се лекувале или нивни блиски што биле во тие болници на инфективно, во Гостивар, во Тетово, во Кичево, во Струмица… тие знаат, оти и ние имаме информации дека таму циркулираат луѓе, дека слободно влегуваат и излегуваат, хаос е“, вели доктор Таравари.

Ваквата пракса, која доби осуда од јавноста, бидејќи во време на пандемија некој свесно дозволувал приватни лица непречено да влегуваат и да излегуваат од ковид центрите, ризикувајќи неконтролирано ширење на болеста, ги вознемири и лекарите. Токсикологот Нико Беќаровски побара одговорност.

„Континуирано присуство на ЦИВИЛНИ НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ВНАТРЕ во Ковид центрите е СВЕСНО ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ. За вакво злодело казната не може да биде само разрешување на надлежните во тетовската болница“, напиша Беќаровски на Фејсбук.

Пожарот кој за неполни 15-тина минути ја пеплоса монтажната болница во Тетово отвори многу дилеми. Дали постојат протоколи за постапување во случај на пожар и како да се извлечат пациентите во такви ситуации? Министерот за здравство Венко Филипче на ова прашање, не даде конкретен одговор само штуро посочи дека коридорите во модуларните болници биле доволно широки, а прозорците доволно ниски за да се спасат, во конкретниот случај 12 пациенти.

„Безбедноста, апсолутно мислам начинот како се направени ковид болниците, меѓу останатото мислам и на евакуацијата со широки коридори и ниски прозори. Благодарение на тоа и се спасиле 12 пациенти“, рече министерот Филипче.

Ваквата изјава на министерот ја разгневи јавноста, која го потсети, да не заборави дека, 14 други лица изгореа живи.

Сега, надлежните инстутуции, ДЗСИ и Обвинителството ќе ја проверуваат документацијата на болницата за да утврдат – инспекторите кој дозволувал цивилни лица да се шетаат низ болничките соби каде се лекувале ковид позитивни пациенти, а обвинителите, дали била целосна техничката документација и јавните набавки за монтажниот објект.

Биљана Божиновска

Advertisements