Караџовски: Здравствениот систем да колабира, па ќе воведеме полициски час

Владата ќе чека здравствениот систем да колабира за да воведе полициски час. Барем вака најави првиот човек на Комисијата за заразни болести, Караџовски, кој рече дека според него од оптовареноста на болниците би зависело дали во земјата ќе има карантин.

„Мерките кои што сме ги предвиделе, четири плус три, тоа се седум мерки, се надевам дека утре крајно време е да се усвојат, дека имаме состојба слична на полициски час. Ако видиме дека и тоа не дава никакви резултати, односно ме прашувате до каде треба да одиме, дали некоја бројка ни е репер за нешто, што е тоа репер, здравствениот систем да колабира, или да имаме толку многу хоспитални случаи кои што не можеме да ги издржиме па да направиме нешто друго“, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.

Од Министерството за здравство пак велат оти полициски час не е решение за проблемот со пандемијата која коси во земјава. Актуелните мерки кои ги предложи Комисијата овој месец, меѓу кои и мерката за носење на маска на отворено, забрана за работа по 23 часот и ограничен капацитет на патници во јавниот превоз биле доволни за да се спречи ширењето на вирусот.

Граѓаните во паника, бараат посериозен пристап од страна на надлежните институции, но и одговорност од министерот.

„Треба под итно да побарате помош од некого, очигледно дека немате начин да се справите со вирусов. Погледнете каде се наоѓаме, за оваа бројка некој мора да понесе одговорност“, пишуваат загрижени граѓани.

„Карантин и преземање на приватните болници за лекување, затоа што ќе ни се случи катаклизма“, бараат граѓаните.

И додека властите во Македонија спијат, земјите во Европа веќе ги заострија мерките за да ги ублажат ударот од пандемијата.

Француските власти воведоа полициски час во Париз и уште осум други градови кој ќе трае од 21 часот до 6 часот наутро. Во Чешка до 3 ноември ќе бидат затворени училиштата, баровите и клубовите. И Холандија ги затвори баровите и рестораните.

Од денеска мерките ги заострува и Словенија. Таму властите го стопираа движењето помеѓу општините, мерка која ќе биде во сила седум дена. Словенија во саботата ги затвори сите продавници, освен оние што продаваат храна и основни потреби, а воведе и забрана за работење на фризерски и на салони за убавина, велнес-центри, базени, кина, театри и спортски сали.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста