Камперите на протест – Општина Сарај ќе ги отстранува приколките кај езерото Треска

Општина Сарај на сила ќе ги сели камперите од кругот езерото Треска. Во рок од 60 дена приколките мора да бидат отстранети поради планот на тоа место да се гради рекреативен центар. Закупците на камповите лути на одлуката да им се одзема нешто во кое вложувале со години. На мирен протест денеска им порачаа на надлежните да ја повлечат оваа одлука.

Камперите збунети и револтирани – сметаат дека општината нема право да ги сели затоа што договорот со ЈП „Лиќени“ на кое му плаќаат по 200 евра годишно е се уште на сила. Сопствениците тврдат дека добиле различни известувања од Општината. На дел од нив како причина за селењето бил наведен загадениот воздух, на други прекинот на договорот со јавното претпријатие, а на трети дека Министерството за економија планира да гради развојно туристичка зона.

Првиот човек на Општина Сарај Блерим Беџети минатата година се правдаше дека нема ингеренции да ја руши платформа на Матка , ама затоа сега експресно реши да ги отстрани приколките на Треска . Општината почнала два паралелни процеси – иселување на кампот и прогласување на Треска за слободна туристичка зона. Владата планира  околу езерото да изгради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам. Револтираните кампери потсетуваат дека „Треска“ е изградена со пари од народот па затоа побараа за овој прашање да се одлучува на Референдум.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста