Јавноста и опозицијата бараат конкретни одговори од власта по скандалозното писмо од Боки 13

Бурни реакции во јавноста по вчерашното отворено писмо на Боки 13 до премиерот во заминување Зоран Заев во кое обелоденува како на дневна основа како сопственик на сега згаснатата 1ТВ добивал доверливи информации од Владата за да ги објави како ексклузувни во медиумот. Опозицијата реагира дека токму преку националниот координатор за комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, стигнувале нарачките во провладините медиуми за тоа што и како треба да се објави за активностите на власта. Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски вели оти се работи за сериозно обвинување и бара одговори од Забрчанец, дали тој имал листа со новинари коишто ги раководи онака како што пишува Бојан Јовановски?

„Лицето Марјан Забрчанец се уште работи во Владата, се уште зема плата од Буџетот кој што го полниме сите ние граѓаните во Македонија и се уште е главен за владината пропаганда. Евентуалниот молк на Марјан Забрчанец на овие прашања ќе го отворат и прашањето за политичко судско обвинителскиот притисок врз новинари и медиуми водени од луѓе коишто не се дел од оние, ќе се послужам со зборовите на Бојан Јовановски, цитирам „оние што ги плаќате да ви веруваат и да ве бранат“, како и, повторно цитирам „твои новинари кои што ги раководи Марјан Забрчанец“. Марјан Забрчанец не смее да молчи по ваква прозивка од сопственик на според Зоран Заев провладина телевизија“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Забрчанец преку статус на Фејсбук ги отфрли наводите на Стоилковски за како што вели „наводно управување или контролирање новинари или медиуми“.

„Како одговорен за комуникации и односи со јавноста во Владата имам обврска да бидам во дневен контакт со новинари, медиумски работници, уредници и одговорни лица во медиумите. Со лицето Бојан Јовановски, сум комуницирал исклучиво службено и професионално, информирајќи го за активностите на Владата и одговарајќи на барањата на медиумот што го раководеше за интервјуа со премиерот Заев и со други претставници на Владата“, пиша Забрчанец.

Бојан Јовановски вчера од затворот Идризово преку отворено писмо му се обрати лично на Заев. Тој обелодени оти Зоран Заев и неговиот брат сакале да го ликвидираат, го обвини Заев за местење тендери, рекетирање бизнисмени, вели оти вршел злоупотреба на медиумите за владините потреби, а според Боки 13, Заев имал директна поврзаност и со случајот „Рекет“. Бојан Јовановски го обвинува Заев и за згаснувањето на Специјалното Јавно обвинителство на Катица Јанева, како и за местење на изборните резултати за претседателските избори во 2019 година. Јовановски преку неговиот адвокатски тим потврди дека сака јавно да зборува за случајот „Рекет“ и обвинувањата од негова страна кон повеќе функционери. Алфа телевизија се уште чека на одобрение од Управата за санкции и затворот Идризово.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста