Јавноста е исплашена и бесна, вирусот се шири неконтролирано, населението оставено само на себе

И покрај тоа што Македонија урива рекорди во регионот по бројот на починати на милион жители, се чини како состојбата со корона пандемијата да е оставена да се реши сама од себе. Рестриктивни мерки нема, а оние кои надлежните до сега ги предложија не влеваат доверба – граѓаните бараат засилени рестрикции, а спремни се дури и на карантин, бидејќи велат ситуацијата излегува од контрола.

Епидемиолозите пак смируваат – мерките кои владата ги предложи ќе мора да се почитуваат за да се стави контрола врз пандемијата. Епидемиологот Драган Даниловски е дециден – земјава е економски слаба за да си дозволи нов, долг полициски час. За рестрикции во движењето кај повозрасните граѓани, Даниловски вели оти ваквите одлуки се покажале како неуставни.

„Рестрикции може да се спроведуваат генерално за општата популација, не можат да се прават дискриминации по возрасни групи. Така испадна дека не било тоа уставно. На располагање ни остануваат потенцијално рестрикции од типот на полициски час, подолг или пократок. Она што се вика тотално затворање, како што беше во Дебар, во моментов ни е неприфатливо, не е опција за цела држава. Евентуално би дошло во предвид, ако се види дека до таа мера ескалира епидемиолошката ситуација, да не може здравствениот систем да се носи со предизвикот. Дефинитивно е јасно дека сиромашна земја како нашата не е во состојба да издржи економски подолго такво затворање“, вели професорот Драган Даниловски.

Болнички капацитети има, смета професорот Даниловски, но алармира оти проблем со кој се соочува земјава е недостигот на кадар во здравствениот систем. Нагласува дека добра пракса ќе биде во борбата со корона вирусот надлежните да ги вклучат и приватните болници, но и специјалистите од приватното здравство.

„Проблемот е кадарот, дури и со она што беше најавено дека приватните интернисти ќе бидат мобилизирани, во ред ама и тоа има граница на издржливост. Значи целата филозофија во справувањето со оваа криза е не толку во просторни капацитети туку во проценка дали здравствениот кадар може и колку може да издржи“, додава Даниловски.

Прогнозите за идниот период кога се очекува уште посилен корона бран, според епидемиологот Даниловски ќе зависат од тоа колку граѓаните ќе се придржуваат на мерките. Клучно е вели, инспекциските служби да контролираат кој ги почитува мерките, а непочитувањето да се санкционира.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста