Иселувањето и државните несоодветните економски политики го колабираат кичевското стопанство

Иселувањето и државните несоодветните економски политики го колабираат кичевското стопанство

  „Белата“ чума, неквалитетен образовен процес кој не кореспондира со потребите на стопанството, лошите даночни политики, сивата економија и воопшто несигурната осцилаторна економска клима, го фрлаат на колена и кичевското стопанство. Малите, традиционални семејни бизниси масовно се затвораат, а поголемите едвај опстојуваат, покажуваат статистиките на Регионалната стопанска комора од Кичево, во која спаѓаат и општините Македонски Брод и Пласница.

   „Некаде околу 500-600 фирми се затворени кои што биле со по еден до двајца вработени, кои што опстојувале долго време како фамилијарни бизниси. За жал, може по градот да ја видите тажната слика на доста затворени дуќани и кои што постоеле и функционирале со години фамилијарно“, – посочува Игор Соколески, претседател на Регионална стопанска комора – Кичево.

   Потребно е стопанствениците да почувствуваат дека извршната власт е конечно нивни сервис, а не тие од извршната власт и политичарите, од позиција на политичка моќ да им стануваат нелојална конкуренција, отворајќи разни компании и претпријатија, неретко и само како човек – фирма, појаснува Соколески.

  „Моменталната ситуација и чувството на бизнисот е во една незавидна ситуација, односно во негатива, затоа што од несигурноста тие и не се охрабруваат да инвестираат често, бидејќи самите прилики кои што се во економијата во самата држава постојано имаат осцилации и немаме сигурност и сигурна подлога за да се преземат долгорочно чекори. Често бизнисмените знаат да кажат – дај малку да стопираме да видиме што ќе биде, па потоа да преземеме одредени чекори. Нивната храброст како по малку да е изгубена, посебно кај домашните компании на кои што, нормално, државата треба да им биде нивниот грб“, – вели Игор Соколески, претседател на Регионална стопанска комора – Кичево.

  Дел од кичевските бизнисмени се жалаат и на нелојалната конкуренција при тендерските постапки, односно на постојано фаворизирање на едни исти фирми, за сметка на други.

Kaролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста