Иран со предупредување до сите сојузници на Израел да не планираат контранапад
Стотици ирански ракети и беспилотни летала го осветлија небото врз Израел, обидувајки се да ги пробијат системите за против-воздушна одбрана. Тие прелетаа повеќе од 2000 километри преку Блискиот Исток, како одмазда за неодамнешниот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија. Иако Иран го обвини Израел за започнување на конфликтот, изралеските воени сили ги отфрлија наводите дека го извршиле нападот на дипломатското претставништво, во кој беше убиен висок воен офицер на Иран.
Изралеските сили, кои беа помогнати од меѓународни партнери, велат дека ги пресретнале скоро сите проектили и летала кои биле упатени кон нив.
- „Синоќа Иран започна напад против Израел и упати повеќе од 300 закани од различни типови. Иранската закана се соочи со воздушната и технолошката супериорност на изралеската одбрана во комбинација со силна борбена коалиција која заедно пресретна огромното мнозинство од заканите. Тие пресретнаа 99% од заканите кои беа лансирани на територијата на државата Израел“. – Изјави израелскиот воен портпарол, Адмирал Даниел Хагхари.
Во Иран пак, граѓаните излегоа на улиците да ги поддржат нападите на нивната држава врз Израел.
Од иранска страна задоволни, велат дека со нападот ја постигнале целта
- „Операцијата „Искрено ветување“ беше успешно завршена од синоќа до утринава и ги постигна сите нејзини цели. Причината за оваа операција беше преминувањето на црвените линии од страна на ционистичкиот режим“. – Изјави Генерал Мајор Мохамад Багхери, шеф на кабинетот на вооружените сили на Иран.
Тој додава дека ова било ограничена операција и ја сметаат за завршена.
Граѓаните на Израел пак, кои постојано се соочуваат со последиците од воени конфликти, се со различни емоции, но, велатр, се трудат да водат нормален живот.
- „Ситуацијата е навистина застрашувачка затоа што се плашиме од она што се случува и од сите бомбардирања и авиони што доаѓаат. Сепак, ние сме многу, многу среќни со сојузот што ни помогна бидејќи повеќето од авионите и проектили не паднаа во Израел. Се надеваме дека наскоро ќе има запирање на оваа тековна ескалација. – Кажа Ајала Салант, жител на Ерусалим.
- „Имам измешани чувства, но немам голем страв. Не е полошо од нападите што Хамас постојано ги прават врз цивилите овде. И убаво беше да се види дека Западот навистина застана покрај нас и помогна со пресретнувања“. – Истакна Гил, жител на Ерусалим.
- „Мислам дека нападот на Иран не треба да помине тивко. Мислам, мораме да одговориме затоа што Иран е држава. До денес се боревме против терористичка организација која не е држава и не е нација, таа е едноставно терористичка организација која врши убиства и е варварска. А денес, борбата против една држава е поинаква војна и ако Иран мисли дека може едноставно да се крене и да нападне цивили или воени цели, државата Израел треба да му покаже дека ние не сме боксерска вреќа за светот.“ – Изјави жителка на Тел Авив, Шарин Аврахам.
Во меѓувреме се огласија светските лидери, кои повикаа на смирување и деескалација на ситуацијата. Италија свика итен состанок на групата Г-7 најразвиени држави во светот, да разговараат за ново-настанатата состојба на Блискиот Исток. Претседателот на САД, Џо Бајден остро ги осуди нападите на Иран врз Израел и вети „железна“ поддршка за Изралеците, но порача и дека нема поддржат изралески контра-напад. Од руското министерство за надворешни работи, со став дека нападот бил извршен како право на самоодбрана по нападот на иранскиот конзулат и го обвини западот дека ги блокирале обидите на Советот за безбедност, да одговори на овие случувања.
Никола Цветкоски