И покрај „Коронавирусот“, 250 Македонци ќе патуваат за Милано, Венеција и Тоскана

Над 250 Македонци нема да ги откажат патувањата за Милано, Венеција и Тоскана во Италија, откако оваа земја сее паника поради Коронавирусот. Од Агенцијата „Го травел” кој ги организира патувањата, за Алфа велат дека мал дел од нив ќе го пренаменат патувањето за друга дестинација. Останатите биле подготвени за патување и не се јавиле да откажат или да побараат друга дестинација.

– Ние како агенција нема да ги откажеме патувањата на овие дестинации. Сепак оставаме да одлучат оние кои уплатиле и им нудиме заменски аранжмани. Штетата која би ја претрпеле како агенција би била голема, рече за Алфа Силвана Јовановска од Туристичка Агенцијата „Го травел”.

Туристичките работници велат дека и покрај лошата состојба во Италија, нема да ги откажат понудите за Италија, и ќе остават изборот да го направат граѓаните. За откажување на аранжманите ќе чекаат официјален став од италијанската Влада, и какви ќе бидат тамошните препораки.

– Како агенција се загрижени за целата ситуација, но нема да ги повлечат и откажат понудите за Италија за сега, со оглед дека ќе остават изборот да го направат граѓаните. На оние 40 кои веќе се јавиле да откажат, им понудиле други дестинации за патување, додава Јовановска.

Алфа претходно, посети добар дел од агенциите и таму барем за сега немаат понуди за Италија.

Во меѓу време, некои агенции почнаа да ги откажуваат аранжманите. Туристичката агенција „Фалкон травел“ објави на Фејсбук дека ги откажува патувањата за 8-ми Март за Италија.

– Ве известуваме дека сите патувања за 8-ми Март поради Коронавирусот во Италија ќе бидат откажани од наша страна, поради безбедноста на нашите патници која секогаш ни е на прво место. Големиот број на патници кои имаа уплатено за овие дестинации можат да ги добијат во целост сите уплатени средства или пак да се префрлат на некое друго патување за друг термин, сооштуваат од „Фалкон травел“.

– Со оглед на моменталната ситуација во Италија поврзана со Коронавирусот, аранжманите кој ги имавме за посета на оваа држава ќе бидат откажани. Безбедноста на нашите патници е најважна. Поради ова пријавените патници на аранжманите во Италија имаат можност да се префрлат на останатите аранжмани за 8-ми Март или парите целосно ќе бидат рефундирани. Останатите наши аранжмани во Истанбул, Будимпешта со Виена и Прага, Дрезден и Братислава се со сигурна реализација и ќе се реализираат според предвидената програма. Ние сме постојано во контакт со нашите соработници од Турција, Унгарија и Чешка и овие земји се безбедни за патување, соопштија од „Либеро травел“.

Дел од Агенциите засега немаат објавено дека патувањата во Италија се откажани. И додека Светската здравствена организација предупредува дека треба да сме на „штрек“, а во Италија веќе се празнат маркетите, Македонците кои уплатиле патување токму за оваа земја, се чини дека немаат страв од состојбата која недај Боже може да се преслика кај секого.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста