И глувите можат да бидат бизнисмени – отворен првиот кафе бар на знаковен јазик

И лицата со оштетен слух успешно можат да водат бизнис. Доказ за тоа се 30-годишната Радмила Периќ и 29-годишниот Мартин Ангелов кои го отворија првиот кафе бар во центарот на Скопје каде што се служи на знаковен јазик. И двајцата имаат оштетен слух, но тоа не било пречка да стапат во работен однос по завршување на образованието, а сега веќе неколку месеци да бидат вклучени во угостителскиот бизнис. Радмила, по 9 години работа во фризерница и Мартин по неколкугодишната работа во печатница решиле позитивните искуства кои ги виделе во Холандија да ги пресликаат во Македонија. Отвориле бизнис со неповратен грант од 10 илјади евра од Агенцијата за вработување.

Најголем проблем за глувите лица е комуникацијата, но и таа пречка може да се премости. Радмила и Мартин сакаат во нивниот кафе бар да не доаѓаат само лица со попреченост, туку и други. Имаат дигитално мени, знаат да читаат од усни, а најголема желба им е што повеќе луѓе да научат да го употребуваат знаковниот јазик.

На прсти се бројат лицата со попреченост кои се охрабруваат да отворат сопствен бизнис. Глувите и наглувите лица во земјава најчесто работат за минимална плата, но се повеќе има млади со високо образование кои се ангажирани на позиции со поголеми примања. Следна цел на овие луѓе е да издејствуваат законски да им следува бенефициран стаж. Во Македонија има околу 7 илјади глуви лица, од кои две илјади со целосно изгубен слух.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста