Хрватска притиска – сигнали од Германија и Франција дека преговори за Македонија се можни

Хрватското претседавање со ЕУ дава надежи дека сепак би можеле да започнеме преговори во блиска иднина.  Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека отворањето преговори со Македонија ќе биде многу високо во приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ а за таа цел најави дека во Загреб ќе бидат поканети лидерите на земјите од Западен Балкан за афирмација на европската перспектива на овие држави. Хрватски извори велат дека ќе успеат да ги исполнат барањата на Франција за реформа на преговарачкиот процес за до крајот на март за Македонија и Албанија да го добијат посакуваниот почеток на преговорите.

„Франција имаше некои резерви кои повеќе беа од концептуална природа во однос на методологијата на преговорите“, изјави Пленковиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Дека нешто во позадина се крчка се покажа и на отворањето на состанокот на хрватската Влада и Европската комисија. Претседателката на комисијата Урсула фон дер Лајен, изјави дека за Унијата многу е значајна соработката со Западен Балкан, додавајќи дека мора да се најде начин паралелно да се одвиваат преговорите со Македонија и Албанија и внатрешните реформи во ЕУ. Таа најави дека набрзо ќе биде објавен новиот предлог за методологијата на преговори за членство во ЕУ, иако потоа ќе мора да се види дали тој е прифатлив за францускиот претседател Емануел Макрон. Токму Макрон беше европскиот лидер кој во октомври минатата година стави вето на преговорите со што ги урна надежите на Заев дека може да поентира со некаков успех на европската сцена, а потоа практично и го принуди да распише предвремени парламентарни избори.

Драган Милосављевиќ

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста