Хаос кај матичните доктори, термини за специјалист нема до крајот на Септември

Ординациите на матичните доктори преполни со хронично болни кои од вчера притискаат да добијат термин кај докторите специјалисти за да може да ја продолжат мерката за ослободување од работа. Откако министерот за здравство по средбата со Здруженијата за ретки и хронични болести го одложи рокот за враќање на работа, сега пациентите со хронични дијагнози мака мачат да стигнат на ред за потврда. Рокот за обновување на потврдите е 22 Септември. Оние кои нема да извадат документ, на 23 ќе треба да се вратат на работното место. Матични доктори велат – термини нема до крајот на месецов.

„Пациенти со дијабет, со мозочен удар и со инфаркти, за сите тие не можевме да најдеме термини соодветни за да закажеме бидејќи се е блокирано. Им даваме упати за седум дена, да се снајдат да стигнат до овие специјалисти, дали на дежурство или кога ќе ги најдат, во консултација со нив да се види каква ќе биде понатамошната препорака“ вели доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружение на матични лекари.

Во системот мој термин црвено светат речиси сите специјалистички прегледи. Така на пример, во кардиолошките амбуланти, каде има и најголем интерес, има само десетина слободни термини во Клиничкиот центар, но ниту еден слободен термин не е за кај лекар специјалист. Иста е сликата и за пулмолошките болести, кои се и најзасегнати од вирусни инфекции. За овие пациенти слободен термин пред 23 Септември нема.

И пациенти со хронични болести, преку социјалните мрежи алармираат дека термини нема. Стравуваат оти рокот е кус и ќе предизвика хаос низ болничките ходници.

„До кога вака без претходно поставени критериуми? Ова беше дополнителен стрес за сите, со препораки преку ноќ, воопшто необјаснети, создадоа хаос и вознемиреност“.

„Специјалистот пулмолог кој ми ја знае целата историја на болеста, единствен во источна Македонија исто така е дома како хроничен болен“.

„Се давате во краток рок, да се малтретираат луѓето, да се прават гужви, а не мислите дека тоа може да биде потенцијално жариште на вирусот“.

Министерот Филипче вети оти ќе се креираат дополнителни термини во попладневните часови за да може да се опфатат сите хронично болни пациенти. Оние кои поради болеста нема да можат да одат на доктор, потврда ќе треба да извадат преку електронската амбуланта. Сепак, останува неизвесно како сето тоа ќе функционира и дали сите пациенти со хронични болести ќе успеат да извадат потврди на време?

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста