Граѓани им помагаат на жителите од Петровец – чии бараки изгореа до темел, а семејства останаа на улица

Им се заканува ли зима без покрив над главите на 10-те фамилии од бошњачката населба во скопски Петровец, чии импровизирани куќи изгореа пред речиси една недела.

Ако владата и локалните власти веднаш не им помогнат да се обноват домовите, тие ќе останат на улица. Локалните власти им ветиле дека ќе сторат се што било во нивна моќ, за зимата да ја поминат во засолниште, но барем до сега нема ништо конкретно. Засега помош за нив стигнува само од хумани луѓе.

Шлепер со градежен материјал им донирал активистот Геге Демировски. Тој за Алфа рече дека е спремен да им помогне.

Алфа ги посети фамилиите кои сега се оставени на милост и немилост. Благодарни се на граѓаните кои им пружиле рака, но молат Бога на помош да дотрчаат повеќе граѓани, зашто биле во многу тешка ситуација.

Пожарот кој изби минатата недела во Петровец, без покрив над глава остави 10 фамилии, откако пожар им ги пеплоса бараките во кои живееја. Во несреќата немаше повредени лица, а брзата интервенција на пожарникарите го стави огнот под контрола, без да се прошири кон останатите куќи. Градоначалникот на општината ветил помош за фамилиите кои го изгубија домот. Засега не се знаат причините за пожарот, а според информациите, тој бил предизвикан од електрична инсталација.

Импровизираните објекти надградувани со години биле со слаб квалитет и со дотраени електрични инсталации, што може да се причини за пожарот, кој е трет по ред во оваа општина во последниве два месеца.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста