Мафијашка пресметка во Скопје, полицијата каска зад криминалците

За скопското подземје очигледно не постојат граници. Калашникови и пиштоли вадат каде стигнат, а обидите за ликвидации, ги вршат ладнокрвно па макар тоа било и во ресторан од хотел.

Гостите на хотелот Александар синоќа како да гледаа во живо,  сцена на холивудски мафијашки филм, тие беа сведоци на вооружена пресметка во која за среќа нема смртно настрадани, ама нема ни уапсени. Од една страна рафални стрелби од маскирани мажи, со автомати, од другата пукал полицаец кој не бил на работа, ама ја дружел сомнителната група на кафе муабет во хотелот.

Додека МВР калкулира со детали за престрелката во хотелскиот ресторан, што се случи синоќа половина час после полноќ, оправдувајќи ја штуроста на информациите со „истрагата е во тек“, инсајдерски информации и шпекулации се шират на големо. Десет мажи седеле во Палас, почнала расправија, по неа петмина од групата заминале, останатите продолжиле да седат. По кратко време од заминувањето на првата група, со џип пред хотелот стигнале тројца мажи, влегле во холот на главите носеле фантомки извадиле калашникови и почнале да пукаат кон ресторанот извикувајќи „полиција“. Граничниот полицаец го извадил пиштолот и испукал 11 куршуми кон тројцата со автоматите и тој викал дека е полицаец. Тројцата со пушките избегале, не е прецизирано дали со џип Туарег или Порше. Крајната дестинација каде ги сокриле трагите најверојатно било скопското село Арачиново, неофицијално полицијата утрово во атарот од селото пронашла запален џип, а внатре наводно имало две автоматски пушки.

Ова најново злосторство во потесното градско подрачје на македонската метропола силно ги вознемири граѓаните кои стравуваат за својата безбедност, но и дополнително ја зовре атмосферата на несигурност и уште еднаш ги наметна отворените прашања за дејствувањето на македонското подземје. Очигледно превласта за нарко бизнисот во земјава не запре со ликвидацијата на „Рузвелтова“ од пред една година, што беше последен обид за елиминирање на групата од Сарај. Сега во игра се други две групи од околината на Скопје. Се шпекулира дека едната има директна врска и со криминалци од Косово и затоа предничи на уличниот нарко пазар, а во мрежата има и полицајци доушници. Но и втората група има своја моќ, која ја црпи од политиката. За тоа сведочи и фактот што бројни полициски акции за ловење на улични препродавачи на кокаин и марихуана, доживуваат фијаско, па наместо за трговија со дрога, се апси само за нарушување на јавен ред и мир.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста