ЕУ нема да се меша: Ниту анекс договор не е гаранција дека Македонија ќе се спаси од бугарска блокада

Бугарија ќе може да ја уценува и блокира Македонија на патот кон Европската унија дури и ако биде постигнат и потпишан анекс или нов договор. Било какви отстапки и историски откажувања, не се гаранција дека Македонија е сигурна на патот кон ЕУ, доколку пораснат бугарските апетити во идина. Ова го потврдува министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порачувајќи дека секој договор е рамка за преговори меѓу двете страни.

-Договорот не претставува едностран акт чија што функција завршува со моментот на потпишување. Договорот претставува рамка во која што ние ќе ги решиме разликите, тоа значи дека доколку во текот на имплементацијата имаме различни очекувања или различни погледни во однос на динамиката на имплементација, мислам дека треба да седнеме и во таа рамка да разговараме. Тоа е улогата на договорот, договорот не значи решение само по себе, изјави Османи.

Додека Македонија чека дали ќе се оствари првата меѓувладина конференција, германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, вели дека само се надевала на такво нешто. Порача и дека Европската унија нема и не може да се меша во спорот меѓу Македонија и Бугарија.

-Европската унија не може да влегува во разликите меѓу земја членка и земја кандидат. Билатералните спорови, би требало да се решаваат билатерално, изјави Холштајн.

Се поизвесна блокада на стартот на преговорите на Македонија со ЕУ, не беше тема на која сакаше да говори бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, но тој сепак истакна дека Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада.

-Ние сега сме сконцентрирани да го завршиме Берлинскиот процес како што треба, заеднички и да покажеме дека можеме да завршиме нешто успешно. (Значи немаме гаранции дека Македонија ќе започне преговори?) Нашата концентрација денеска е за Берлинскиот процес, изјави Ангелов.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев уште еднаш порача дека без прифаќање на бугарската историска вистина, за Македонија нема почеток на преговорите со Европската унија и дека околу тоа нема никаква драма.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста