Етнос: Соседната земја се откажа од употреба на термините „антички Македонци“ и „Егејска Македонија“

Македонската комисија за историски прашања се откажала од термините „античка Македонија“ и „Егејска Македонија“. Ова го обелодени грчкиот весник Етнос, кој меѓу другото открива дека двете експертски комисии детектирале вкупно 37 спорни мапи и доставиле текст од 57 страници со коментари за прирачници и наставни програми, но досега измени по овие забелешки не биле направени.

Весникот пишува оти земјава официјално прифатила дека терминот „античка Македонија“ кој се употребува во образованието е исклучиво врзан со Грција.
Истовремено, на средба на Комисиите во Скопје, македонската страна прифатила дека како „Словени“ денешните граѓани на Македонија немаат никаква поврзаност со античките Македонци и оти историјата и културата на античките Македонци се единствено дел од античката грчка култура.

Македонската страна исто така се согласила да го замени терминот „Егејска Македонија“ со терминот грчката провинција Македонија, пишува грчки Етнос.

Тие дури одат до таму што детално ги објавиле спорните учебници. Така на пример, Етнос објави делови од учебниците по Историја за шесто одделение и прва година гимназија, во кои се зборува за хеленската, римската, илирската и старомакедонската култура, со забелешка дека не треба да се истакнува разликата помеѓу грчката и античката македонска култура.

Сепак, главната забелешка на текстот објавен во грчкиот весник е дека и оваа учебна година во земјава, која ќе стартува од 1 Октомври, ќе се учи од старите, непроменети учебници и покрај договорот на двете комисии.

„Учениците во соседната земја и натаму ќе учат за мапи од Голема и егејска Македонија, како и бројни извештаи за корелација помеѓу нивната земја со Античка Македонија на Филип и Александар кои и по две години од постигнатиот договор се уште не се избришани од книгите“, пишува Етнос.

Во исто време, Македонија се уште не е спомената во грчките учебници под новото уставно име.

Инаку, двете експертски комисии имале вкупно четири работни состаноци, од кој последниот се одржал во Охрид во мај минатата година.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста