Два месеци доцни исплатата на бонусите за дел од здравствените работници од прилепскиот Здравствен дом

       Четворица лекари-специјализанти и една медицинска сестра од Итната помош, како и 14 лаборанти од Биохемиската лабораторија при Здравствениот дом од Прилеп, а кои во континуитет се директно инволвирани во испитувањето, дијагностиката и терапијата на Ковид-пациентите, јавно реагираат дека веќе два месеци чекале на исплатата на ветениот бонус од 30.000 денари, за разлика од своите колеги од соседните општини. Вината ја лоцираат во директорката Оливера Аџиоска, која според нив, задоцнила со испраќањето на списоците, па под нивни притисок, морала да праќа нов, корегиран список.

   „Ние сме 14 луѓе кои секојдневно сме во контакт со позитивни Ковид-пациенти. Секој ден правиме по 40 тестови и најчесто 90 проценти од нив се позитивни. Половината од нас веќе бевме и заразени со вирусот. А сега, директорката не стави во некој корегиран список, но дури откако нашата главна сестра и изврши притисок и откако испративме и ургентно писмо до министерот Филипче. Нашево барање е реално. Ние не сме престанати овде, а веќе два месеци од никаде никаков конкретен одговор се уште немаме добиено“, – револтирано ни објаснија нашите извори од Биохемиската лабораторија, кои сакаа да останат анонимни.

   Директораката на Здравствениот дом пак, Оливера Аџиоска, која одби да даде изјава во камера, во телефонскиот разговор  се оправда дека се било во склад со уптатствата добиени од Министерството за здравство, според кои во првиот допис биле опфатени само лекарските тимови од Службата за итна помош и како што рече, тоа важело за сите здравствени домови во земјава. Аџиоска немаше конкретна информација кога оваа група здрваствени работници ќе го добијат ветениот бонус.

   За настанатиот проблем, одговор побаравме и од министерот Филипче, кој исто така не даде конкретна информација кога ќе се реши ова.

   „И покрај проверките, излезе дека после исплатата, се пријавија вработени кои што укажуваа на тоа дека работеле со Ковид-пациенти, а не биле ставени на списоците…Сега тоа што го правиме со директорите на Фондот за здравствено осигурување да видиме дали може да се изнајде начин дополнително да бидат собрани средства за тие да бидат исплатени. Кога ќе ги имаме информациите, ќе ги известиме сите“, – ни изјави за Алфа, министерот Венко Филипче.

   Инаку, во Прилеп, пандемијата пак зема голем замав. Деновиве, повторно се отворени сите Ковид-оддели во четирите болнички одделнија, додека новопоставената Модуларна болница се уште не е во функција. Од вчера позитивен на Ковид 19 е и градоначалникот Илија Јованоски, кој оваа информација ја објави на својот фб-профил.

Каролина Дурло