ДУИ подготви албанска платформа, Заев навидум одмара и „лови“ пратеници

Додека Заев навидум постизборно одмара, а сепак според информациите во јавноста е тргнат во „лов“ на пратеници од другите партии, ДУИ работи со полна пареа, во страв да не се повтори 2006 година. По тиранската, решија да направат нова, сега т.н. албанска платформа. Тесната разлика меѓу партиите и во македонскиот и албанскиот блок, доведе до повеќе коалициони комбинаторики, во кои речиси секој може да состави Влада, а секој да замине во опозиција. Сепак од Мала Речица се фатија за работа со цел да останат во власта.

Стравот кај ДУИ е забележлив, а тоа го покажува и фактот што омекнаа во цврстиот став во однос на барањето за Албанец премиер. Бујар Османи сега вели многу е важно партиите да се согласат за оваа албанска платформа во политичката трка, која треба да биде постојана за албанската политика.

-ПРВО: На изборите не се тркаме со повеќе од две листи. ВТОРО: Партијата која ќе добие глас повеќе зборува во име на Албанците во другите општини. ТРЕТО: Партиите и пратениците кои имаат глас помалку, даваат поддршка на првата партија која за стратешките линии ќе зборуваат во името на сите пратеници Албанци,  а за дневно политички прашања ќе биде главен коректор. ЧЕТВРТО: Пратениците на партиите кои не победиле не водат разговори на страна за да ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија (како во 2006). ПЕТТО: Можност за соработки во разни форми во интерес на граѓаните меѓу албанските политички партии, вели Бујар Османи.

Од Алијансата на Албанците со чуден став, велат не ја прифаќаат платформата, време било ДУИ да замине во опозицијата, но сепак би биле спремни да учествуваат во Влада со нив.

-Како коалиција ама и поединечно како партии комуницираме со сите политички партии, а тие контакти ги одржуваме и денес. Засега нема ништо ново после официјалните резултати од ДИК. Следи период кога треба да почнат преговори за формирање Влада. Чекаме претседателот на државата да го предаде мандатот по што и мандатарот ќе ги почне преговорите за формирање на новата Влада воедно и тој одлучува со кој ќе коалицира, изјави Шефик Дураку од коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Од СДСМ пак ден по изборите само соопштија дека нивниот лидер заминал на одмор, додека пак голем број прашања останаа неодговорени, меѓу кои и она дали ќе прифатат Албанец премиер. Од македонскиот блок пак засега само ВМРО-ДПМНЕ излезе со официјален став дека ќе преговараат за составување на Влада, но дека нема да работат под уцени.

Се уште останува непознато дали можеби БЕСА би настапила во Собранието надвор од коалицијата „Можеме“, што би ја направило СДСМ втора по сила партија во Собранието, зад ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавноста се шпекулира и со можен трансфер на пратеници, најверојатно од пратеници кои се дел од коалиционите партнери на двете најголеми партии во македонскиот блок. Во новиот пратенички од листата на СДСМ влегоа 12 пратеници кои не се дел од партијата, додека пак од листите на ВМРО-ДПМНЕ влегоа само четири пратеници кои се дел од коалиционите партнери.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста