Десницата се зацврстува во регионот – аналитичарите не се изненадени

Десницата во Европа направи голема и неочекувана трансформација во партиските системи – коментира поранешниот дипломат Ивица Боцевски за победата на Виктор Орбан во Унгарија и Александар Вучиќ во Србија, и покрај континуираните квалификации од западните земји дека се диктатори. Убедливата победа се должи на намалената желба кај граѓаните да експериментираат со непроверени и компромитирани политичари. Според Боцевски ефект има и почетокот на руската инвазија врз Украина што ја вознемири целокупната јавност.

 Овој чин ја вознемири целокупната јавност во сите општества, и во Србија и Унгарија имавме еден ефект на обединување околу знамето, луѓето се обединија околу она што го држи знамето во моментов, Орбан и Вучиќ. Измеѓу експериментирање со непроверени политичари, кои што се претставуваат како демократи и Александар Вучиќ, српските граѓани го избраа Вучиќ. Истата ситуација ја имаме и во Унгарија, помеѓу Орбан и компромитирани политичари, граѓаните го избраа Орбан – вели порнешниот дипломат Ивица Боцевски.

За упатените не е изненадување епилогот од изборите во Унгарија и Србија. Тоа го покажуваат и случувањата на глобално ниво, односно судирот на политичките концепти на левицата и десницата.  

Левицата одамна се откажа од општеството, десницата повторно ја откри нацијата, така што тие успеваат да ја најдат својата формула во овие води претпоставувам и левицата ќе мора да заигра на една карта, и да ги открие своите некогашни гласачи кои што ја напуштија – вели Боцевски.

Додека левицата се насочи кон маргинални теми, отуѓената работничка класа која беше напуштена од левицата, се пронајде во десничарските политики, вели Боцевски, што е случај во Унгарија и Србија. Според него, останува отворено прашањето дали на следните избори Орбан и Вучиќ ќе имаат наследници, односно политичари кои би ги замениле по повеќе од една деценија власт.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста