Чорбаџи неолиберал

Чорбаџи неолиберал

Во последно време за ,,пропаста на светот” редовно се виновни неолибералите. Не само во настапи на аналитичари туку и минувач на улица може некого да определи како неолиберал. Стана прифатливо човек да не е нужно да знае што е содржината на поимот но, вината лесно да ја фрла на ,,новото општествено зло’’ – неолиберализмот.
Се прашувам дали навистина знаеме што и, кој човек е тој неолиберал. А дефиницијата надвор од сложената теорија мора да е сепак едноставна, пред очите на сите. Трагајќи така по поблиска и секојдневна дефиниција на нашиве сложени времиња испитуваме и дали можеби како народ веќе имаме искуство со овој модел на експлоататор веројатно и пред со него да се соочи современа Европа.
Во април 1947 година во Швајцарија под водство на Фридрих Хајек, мала група го основа „The Mount Pelerin Society“ како филозофски кружок со либерално демократска определба. Времето барало интелектуалците да се спротивстават на колективизам и тоталитаризам и затоа ја понудиле идејата за радикалниот индивидуализам, базирана на слободата на поединецот во рамките на слободниот пазар.
Арно ама, како парадокс, ова немало да биде со намалување на улогата на државата, туку напротив со нејзина арбитрарност во заштита на слободата на пазарот и силна промоција на индивидуализмот. Таквата идеологија го добива името неолиберализам и за скоро време поради одредени услови како економска филозофија ќе успее да ја “фрли во сенка” економијата на Кејнз и заедно со неа редица вредности.
Проектот се проширува со повеќе тинк тенкови (аналитички центри) и влијание врз светските универзитети, потоа следува Нобеловата награда за Фридман и за Хајек и се заокружува во времето на конкретната политичка акција во тој манир на Маргарет Тачер и Роналд Реган.
Практиката на неолиберализмот има една вонредно важна страна што го прави историски значаен. Тоа е силниот удар на лошата предност на капиталистот во оној вид во кој го познаваме. Замена на неговата празнотија скриена зад голото поседување на средства. Веќе би требало да ги нема оние класични капиталисти коишто наследуваат бизниси и недвижнини па, глумат научена способност од претходниците. Би требало тоа да е системот за кој сонувале многу револуционери и вистинските либерали.
Конкуренцијата на печатени пари без покритие во оптек преку разни камати го става инвентивниот човек пред чинот на самооткажување и, тој мора да се предаде пред некого кој нуди одредена сума без конкуренција. Добата на неолиберализмот им даде значење на авторските права и заштитата на индустриската сопственост. Во идното општество би требало да живее подобро само тој што може да продаде идеја, свое дело, вредност. Брилијантноста на сонот на неолиберализмот е можноста да се напредува само ако се биде лично вреден, а не единствено наследник на туѓи материјални добра.
Сепак сведоци сме на инфлација на сите вредности, парите, дипломите и воопшто човекот. Инфлaцијата на парите ја создава посакуваната економска криза, но инфлацијата на вредностите, дипломите и луѓето настанува поради демотивацијата на човекот како главен фактор. Нема веќе наследство, освен благородноста на личноста и сината крв, но во тие проекции веројатно нема ниту наследници со оглед на тоа што нели, родителите наместо традиционалната улога на татко и мајка сега добиваат свои редни броеви Родител 1 и Родител 2.

А приказната и тука е проста и надвор од многу сложената теорија. Станува збор за политичар кој на разни начини даноците на граѓаните ги става во функција на приватниот капитал. Па, многу често и под свое име по островски офшор банки или пак швајцарски банки.
А потоа, откако ќе ги стави државните позајмени пари ,,на сигурно’’ започнува да му пречи мешањето на државата. Судството му било корумпирано, државата многу го оданочувала. И, тој како политичар ( всушност сопственик) се залага државата да не му се меша многу на приватникот ( мисли на својот капитал). А државата која треба да го штити приватникот ? Па, тоа е лично тој – политичар, аналитичар и претставник на државата.

За полесно да ја разбереме појавата, да претпоставиме историски архетип подобен на оваа приказна. Имаме ли искуство со луѓе кои данокот го злоупотребувале и, кои се нашите историски претходници на ваквото однесување. Јаничарите се оние корпуси за кои знаеме дека одземале деца и ги обучувале за своите потреби. Живееле во шатори и без брак. Тие се верска војска задолжена за собирање на даноци за Султанот. Се хранале од еден казан. Човекот кој готвел во казанот, куварот, го нарекувале Чорбаџија. Исто така, тоа е човекот кој со парите од собраниот данок одлучувал при купување на храна и облека. Современо речено, човекот кој ги водел тендерите и јавните набавки.
Токму тие се оние луѓе заради кои Султанот се налутил затоа што го краделе неговиот данок и зад превезот на готвење граделе сосема друга империја, некогаш дигајќи востанија и создавајќи големи и меѓународни проблеми.
Во 1826 година Султанот решил целосно да ги уништи Јаничарските корпуси. Наредил новата војска да ги уништи нивните одреди. Еден од најголемите кампуси на јаничарите со неколку илјади луѓе крваво бил уништен во Истанбул на локација кај денешната „Долмабахче палата“ крај Босфор. Во Македонија со ликвидацијата на јаничарите останала запаметена познатата „Беас Куле“ во Солун, која е наречена „Бела кула“ затоа што морале да ја варосат во бело. А, ја варосале затоа што од крвта на убиените јаничари претходно се нарекувала „Црвената кула“.
И ете го сега парадоксот со кој, ако Европа се соочува моментално, ние се соочивме два века порано. Корпусите се уништени, со нив чорбаџијата сосе казанот, додека оние јаничари што преживеале станале т.н. башибозук и биле прогонувани. Зачудувачки е зошто повеќе од половина век по уништувањето на јаничарите (во 1826) во Македонија овој термин чорбаџија е во употреба до почетокот на 20 век. За чорбаџиите сите имаме слушнато. Тоа биле најбогатите луѓе. Чорбаџијата со кој ние се среќаваме е слично на Лорд. Исто како што лорд доаѓа од хлафорд (hlaford) односно давател на леб. Во записите зачувани за чорбаџии, се опишани нивните официјални носии. Еден носел шапка како чорбаџиите на јаничарите друг пак, носел кожена капа од јаничарите(!). Ова некако потсетува на скриеност на овие укинати и забранети припадници на редови и нивна поддршка на свои евентуални потомци или членови на туѓи но сепак блиски семејства. Најверојатно со отуѓените даноци, со што друго?
Чорбаџии во Македонија, или ѕики кај грците, кнежеви кај србите издават главно пари во својство на зеленаштво, лихва надвор од постојниот официјален систем. Имаат пари и потоа имат свој ексклузивен живот и протокол. Тој е наречен ,,салтанат’’ и предвидува начин на облека и етикеција, начин на почитување од страна на месното население. Денешниве неолиберали исто така имаат свој протокол и пи-ар служба. Чорбаџиите се шетале по чаршијата со вооружени телохранители, се знаело што им доликува и што не. Нешто многу слично на денешниве.
Чорбаџииите немале земјиште и не наследиле големи поседи. Единствена моќ имале со власта поради богатство. Биле слаби иако изгледале моќно. Еден грабеж или погрешен брак на ќерка, или недостојно кумство (драмата Чорбаџи Теодос), може да ги направи за потсмев и да ги срине до дното.
Чудно но, најчесто сите наши просветители и револуционери се чеда на занаетчии и земјоделци, на еснафите и чесни заработувачи на пари во однос на чорбаџиските деца кои редовно се земени за потсмев низ народното творештво.
Инаку оваа состојба настанала откако отоманите ја изгубиле целосно економската контрола на Балканот и во неможност да ги врати кредитите државата отстапува пред странските откупи на домашните институции, на земјоделското производство па дури го продава собирањето на даноците. Многу слично на нашето современо приватизирање и распродажби.
И како што веќе знаеме, чорбаџиите ,,не виделе аир’’ од ваквиот систем на експлоатација на својот народ. Заклучокот е дека најверојатно историскиот експеримент кој веќе сме го поминале му најавува на современиот неолиберален систем во светот дека ќе заврши не многу пријатно како и чорбаџискиот.
Патем, интересно е дека во некои од јазиците зборот „шеф“ има ист корен но различно значење. Во Англија на пример „Chief“ означува главно лице над организирана група луѓе, ама „Cheef“ – шеф е назив само за главен кувар. Кај нас единствен збор- шеф означува одговорно лице по разни основи. Дури Претседателот на Републиката често се ословува како ,, Шеф на државата’’. Во ваков контекст се добива впечаток дека оној кој очекуваме да води ,, ни готви нешто’’ или ни ја забркува чорбата.


Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста