Чепреганов: Преспанскиот договор е национална траума

Чепреганов: Преспанскиот договор е национална траума

Со Преспанскиот договор се искина националното ткиво на македонскиот народ. Тоа е колективна траума со која се избришаа илјадниците Македонци кои со смрт ја платиле цената за национално обединување – порача историчарот Тодор Чепреганов по повод одбележувањето 75 години од граѓанската војна во Грција.

  • „За жал, со преспанскиот договор сега таму немаме Македонци, туку имаме народ кој што зборува јазик кој што е различен од грчкиот. Се поставува прашањето, кои се тие што учествувале во граѓанската војна, ако не ги именуваме како Македонци? Сега имаме антички Македонци во Грција, а на оваа страна имаме други Македонци. Кои се тие е големо прашање.“ – Изјави историчарот Тодор Чепреганов.

Со постојаното отстапување од националните интереси, ќе дојде момент, кога веќе не ќе може да кажеме дека во грчката граѓанска војна учествувале Македонци, смета професорот Чепреганов.

На научниот симпозиум порачаа и дека, иако војната била идеолошка, учеството на македонскиот народ било од национални побуди, како и во сите борби во кои учествувале во тој период.

  • „Значењето на еманципаторскиот процес на Македонците и јакнењето на идентитетот, себе-издвојување, како посебност од целината, што конечно довело и до формирање на сопствени македонски организации, на македонски воени единици и до слободна афирмација на македонските национални обележја преку примена на Македонскиот литературен јазик, низ бројни образовни, културни и уметнички форми. Овие позитивни искуства биле присутни во услови на прогонетост и раштркани низ другите пространства, Македонците да останат тоа што се.“ – Порача Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова.

Тешката судбина на нашите предци од егејскиот дел на Македонија, не ги спречила да творат, но и да продолжат да страдаат за татковината или да се докажат како важен општествен фактор, иако во туѓи држави – порачаа од бројните граѓански организации на децата бегалци и нивните потомци, кои додаваат дека следна цел им е основање на културни центри и друштва, кои ќе придонесат поколенијата на оние кои не биле прогонети од Грција, да го научат македонскиот јазик.

Инаку, граѓанската војна во Грција е прв вооружен конфликт по втората светска војна, кој траел од 1946та до 1949та година. Вмешувањето на странски воени сили, го означил почетокот на студентата војна помеѓу истокот и западот, а по завршување на војната Грција се приклучува кон штотуку формираното НАТО.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста