Цените замрзнати, ама не и за трговците – лимоните и натаму „изгор“ скапи

Цените замрзнати, ама не и за трговците. Ако до вчера килограм лимон беше кренат до 200 денари, денеска има намалување ама само за смешни 10, до 20 денари. Граѓаните бесни. Пред камерата на Алфа велат дека власта не само да казнува, туку и да им ги одземе лиценците на дуќанџиите, зашто не било фер во ваква ситуација да се богателе на грбот на народот.

– Мислам дека не само што треба да се казнуваат дуќанџиите, треба да им се земе и лиценцата, ова е катастрофа во ова време да се прави вака. Не треба да има ни нормални покачувања, а камо ли сега кога едвај преживуваме, се жалат граѓаните.

Од еден од поголемите складови за увоз на овошје и зеленчук за Алфа се правдаат дека пораснала увозната цена, транспортот и трошоците, иако од министерството за економија го тврдат спротивното.

Како што информираат од Министерството за економија донесената одлука за замрзнување на цените на лимонот, портокалот, грејфрутот била за да се заштитат граѓаните од злоупотребата, иако трговците тоа го правеле.

Надлежните велат дека одлуката ќе стапи на сила откако ќе биде објавена во Службен весник, а ќе важи до 30 април.

– Според податоците добиени од Царинската управа на Северна Македонија за период од 11.03.2020 година до 19.03.2020 година увозната цена на портокалите се движи од 15 до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 до 45 денари по килограм. На ден 19.03.2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достигна и до 180 денари по килограм, соопштија од Министерството за економија.

Од Министерството за економија апелираат граѓаните кои ќе забележат енормно зголемување на цените за овие производи да пријават во Државниот пазарен инспекторат. Казните за прекршителите се движат до 5 000 евра, како и казна затвор согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.

– Пазарниот инспекторат е на терен и контролира. Засилени се контролите во супермаркетите во однос на цените на основните прехранбени производи но и на средствата за дезинфекција. Свесни сме за големата паника која што се предизвика кај граѓаните кои решија да купуваат масовно и нерационално. Со цел да им излеземе во пресрет на инспекторите кои што работат на терен и по 18 часови на ден во интерес на заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните заедно со Пазарниот инспекторат ја отворивме бесплатна линија 191 на која сите граѓани кои ќе утврдат дека има прекршување на овие одлуки, рече министерот за економија.

Инаку, замрзнувањето на цените следува откако, по прогласувањето на пандемијата трговците на големо ја зголемија продажната цена на јужното овошје.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста