Обвинетиот за сообраќајката кај „Сити Мол“ призна вина за смртта на Викторија Николова

Обвинетиот Јордан Ѓорѓиев призна вина и изрази каење за сообраќајната несреќа кај „Сити мол“ во која загина 24-годишната Викторија Николова. Судскиот совет со судијката Љубинка Бошевска ќе ги прегледаат доказите и во понеделник ќе ја донесат пресудата. Ѓорѓиев со наведната глава ја призна вината пред судот и спред родителите на загината девојка и кажа дека да можел веднаш би го сменил местото со почината Николова.

„Сакам да изразам сочувство на семејството на покојната. Од тој ден немам ни еден миг раат, многу сум вознемирен. Камо да можам да сменам нешто за тој ден. Доколку би можел, би го сменил местото“, кажа возачот Јордан Ѓоргиев.

Во завршните зборови, бранителот на обвинетиот, побара од судот да ја цени психолошката состојба и каењето на Јордан, кој примал лекови уште од денот кога се случила несреќата.

„Умисла е да сториш нешто со намера да направиш штета, во овој случај смрт кај покојната. Тоа што Јорданов возел со 17 км повеќе на час од дозволеното, иако пред една година тоа и беше регуларна брзина на булеварот, не е умисла, тоа е небрежност. Станува збор за секунда до две невнимание,изјави Јанковиќ.

Одбраната смета дека признанието на вина од возачот не било искрено и сакаат судот да го казни со највисока затворска казна која е предвидена во законот. Повторно побараа да има нула толеранција и да се земе предвид фактичката состојба и очигледните сообраќајни прекршоци кои според нив ги сторил со умисла.

„Реално, како што беше поставен обвинителниот акт и сите докази што ги имаше прибавено обвинителството, ова признание на вина беше и повеќе од очекувано. Ова е таков кривичен предмет кој е пример за тоа како еден предмет треба да заврши по однос на изведените докази. Во ваков предмет, на вакви докази, без разлика дали ќе има признание на вина или не, тој е докажан уште пред да започне“,изјави Михајловиќ.

„Како оштетени сметаме дека каењето не беше искрено дадено, затоа што од моментот кога се случи несреќата до денеска никој од фамилијата на обвинетиот не стапи во контакт со оштетените да изрази сочувство или да изрази каење. Очекувано беше дека обвинетиот ќе оди со изјаснување вина, со оглед на приложените докази“,изјави Андонова.

Сообраќајната незгода во која животот го загуби 24-годишната Викторија Николова се случи на 20-ти јануари годинава. Според обвинението, обвинетиот возел со брзина од 67,3 километри на час, што е 17,3 километри на час повеќе од пропишаната брзина, не застанал иако видел дека има пешаци и ја прегазил Викторија, а нејзиното момче Леонид Даов се здоби со лесни повреди.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста